Search

Сомнежи во изборните резултати во ДР Конго

Белгија и Франција се сомневаат во резултатите на претседателските избори во Демократска Република Конго, што ноќеска ги соопшти државната изборна комисија (ЦЕНИ) на оваа централноафриканска земја.

На избори, кои се одржаа со две години задоцнување, според Комисијата, победи опозиционерот Феликс Чисекеди, иако анкетите укажуваа на победа на Мартин Фајулу од опозициската партија Ламука. Неодамна повеќе медиуми јавија дека според Католичката црква, која беше и една од ретките организации што имаше своја набљудувачка мисија на овие избори, победник е Фајулу.

Фајулу денеска соопшти дека не ги признава овие резултати, а Белгија и Франција исто така изразија сериозни сомнежи во нив.

Белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рејндерс, утрово порача дека ќе ја отвори темата во Советот за безбедност на ОН, каде Белгија членува до 2021.

– Сега чекаме да ја видиме реакцијата на самите Конгоанци, како и на набљудувачите кои имаа можност да видат како се одвивало броењето, изјави Рејндерс.

ДР Конго е поранешна белгиска колонија.

Досегашниот претседателот на ДР Конго, Жозеф Кабила, им забрани на европските мисии да испратат набљудувачи на овие избори, повикувајќи се на суверенитетот на неговата земја. Католичката црква имаше најголем број мониторинг мисии и ужива голема поддршка кај народот.

Многумина очекуваа изборната комисија да го прогласи за победник Емануел Шадари, кој ја имаше поддршката на Кабила.

Никогаш во својата модерна историја ДР Конго не доживеала мирен трансфер на власта.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив Ле Дриан, од своја страна, оцени дека изборните резултати не се во согласност со „она што е констатирано” и дека Мартин Фајулу би требало да биде победникот.

Европската Комисија излезе со поумерена реакција, порачувајќи дека ги „нотира” привремените резултати на претседателските избори, но констатира и дека дел од опозицијата не ги признава.

– Чекаме да слушнеме што велат набљудувачките мисии на лице место, посебно некои од нашите африкански партнери, изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Треба да знаете
Последни објави