Search

Совет на Европа: Хрватска мора да престане со насилството врз мигрантите

Комесарот на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ изјави дека хрватските власти мора да престанат со насилството врз мигрантите и да ги казнат одговорните.

Мијатовиќ рече дека сè уште има извештаи за полициско насилство врз мигранти, и покрај фактот што пред две години ги повика хрватските власти да ги испитаат овие обвинувања, пренесува Хина.

-Она што е уште позагрижувачко е што овие извештаи покажуваат дека насилството и нехуманиот третман се зголемени и дека полициските службеници сè уште не се казнуваат за ваквите сериозни повреди на човековите права, се вели во изјавата на Мијатовиќ.

Таа додаде дека е загрижена што хрватската влада ги отфрла обвинувањата од невладините организации и истражувачки новинари.

Таа потсети дека независните хрватски институции за човекови права и меѓународните организации, вклучително и разни тела на СЕ и специјалните известувачи на ООН, исто така, предупредија за насилството.

-Во духот на целосна транспарентност, ги повикувам хрватските власти, откако ќе биде усвоен, да го објават што е можно поскоро извештајот на Комитетот на СЕ за спречување на тортура што вклучува интервјуа и медицински прегледи на голем број мигранти кои тврдат дека хрватските полицајци ги уапсиле на територијата на Хрватска и ги вратиле во БиХ, рече Мијатовиќ.

Бројни хрватски и меѓународни невладини организации веќе долго време ја обвинуваат хрватската полиција за лошо третирање на мигрантите од БиХ кои се обидуваат да влезат во ЕУ.

Загреб упорно ги отфрла обвинувањата дека безбедносните сили се одговорни за екстремно насилство, колективно протерување мигранти и негирање на правото на азил, пишува Хина.

Треба да знаете
Последни објави