Search

Совет на амбасадори: Историските настани не треба и не може да се прекројуваат

Советот на амбасадори по повод најновите случувања во македонско-бугарските односи оценува дека секоја интервенција на минатото може да биде погубна и погрешно да се толкува со несогледливи последици.

Во соопштението испратено до јавноста, Советот на амбасадори нагласува дека историската наука го дала својот збор за состојбите во земјава од 1941 -1944 година и оти политиката би требала да се занимава само со сегашноста и иднината.

– Советот на амбасадори очекува многу поголемо внимание во јавната комуникација од носителите на највисоките и најодговорните државни и политички функции во двете земји и високо познавање и одговорност во јавните настапи за историските процеси и архивските документи, во што гледаме перспективи за соработка во рамките на големото, развиено и демократско семејство на членките на ЕУ. Во овој контекст уште еднаш нагласуваме дека историските настани не треба и не може да се прекројуваат, а иднината на која и да е земја, за која нејзините граѓани плебисцитарно се определиле, не смее да се попречува, се наведува во соопштението.

Советот на амбасадори оценува дека односите меѓу двете држави се наоѓаат во деликатна фаза и оти внатрешно-политичките, регионалните и пошироките меѓународни последици со евентуален континуитет на затегнати односи, и за Скопје и за Софија, можат да бидат мошне сериозни.

– Советот на амбасадори верува дека нашиот источен сосед ќе ја препознае неминовноста, декларациите, меморандумите и другите документи, да се трансформираат низ постапка со многу посилно изразена политичка волја за солидарност и отворена поддршка на европските перспективи на Република Северна Македонија. Тоа е заеднички интерес и императив за побрз напредок на регионот кон безбеден и стабилен  амбиент, се вели во соопштението.

Сметаат дека гаранција за стабилен и безбеден регион ќе претставува суштинската поддршка на земјава од страна на сите земји членки на ЕУ, која ќе резултира со одржување на меѓувладината седница до крајот на годинава.

Треба да знаете
Последни објави