Search

Советот на Европски полициски синдикати бара брза реакција од властите за нападите врз македонски полицајци

Претседателот на Советот на Европски полициски синдикати, Рикардо Валадас (каде што Македонскиот полициски синдикат е рамноправнен член), со писмена реакција се обрати до македонскиот премиер Зоран Заев, до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и до директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, по повод нападите врз македонски полицајци кои се случија во последните неколку денови.

„Ние како CESP најостро го осудуваме насилството врз полицијата, што претставува сериозно кривично дело и ваквите постапки и однесување нема да бидат толерирани. Секој што напаѓа полициски службеник или друг службеник за безбедност треба да се соочи со законот и да сноси сериозни правни последици“, стои во обраќањето на Валадас.

Во него се наведува и дека Советот на Европски полициски синдикати очекува брза реакција од сите релевантни институции во земјата.

„Силно веруваме во ефикасноста на македонските надлежни институции и се надеваме на брзо решавање на ова прашање. Ние ќе продолжиме да бидеме ваш европски партнер и внимателно ќе ги следиме случувањата во вашата земја“, вели претседателот на Советот на Европски полициски синдикати во обраќањето до македонските власти.

Треба да знаете
Последни објави