Search

Советот за пензиска реформа ги поддржа корекциите во пензискиот систем

Советот за реформа во пензискиот систем денеска на седница ги поддржа предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за задолжително капитално пензиско осигурување.

Од Министерството за труд и социјална политика попладнево преку соопштение истакнаа дека ваквите законски измени се неопходни за да се стабилизира дефицитот во Фондот на ПИОМ кој, како што велат, е последица на штетните законски решенија и погрешните политики во минатото.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на седницата на Советот нагласила дека пензиите ќе останат сигурни и оти ќе продолжи нивното усогласување двапати годишно.

– Како што ветивме овие интервенции ги правиме без да ја зголемиме старосната граница за пензионирање. Пензиите остануваат сигурни и продолжуваат да се усогласуваат двапати годишно. Предложените корекции во пензискиот систем се поддржани и позитивно оценети и од Светска банка и ММФ, истакнала Царовска на состанокот.

На седницата Советот заклучил дека е неопходно идната година да се направат дополнителни анализи и во иднина да продолжи подобрувањето на капиталното пензиско осигурување.

Треба да знаете
Последни објави