Search

Советот за безбедност ја отфрли руската резолуција за испораките на помош за Сирија

Советот за безбедност на ОН ја отфрли предлог-резолуцијата поддржана од Русија за испорака на хуманитарна помош во Сирија преку еден премин на границата со Турција, изјави за ТАСС извор во организацијата.

Седум земји гласаа против резолуцијата (Велика Британија, САД, Франција, Белгија, Германија, Доминиканската Република и Естонија), четири „за“ (Русија, Кина, Виетнам и Јужна Африка), четири воздржани (Индонезија, Нигер, Сент Винсент и Гренадини и Тунис).

Гласањето беше спроведено во писмена форма како резултат на ограничувањата во седиштето на ОН, наметнати поради пандемијата на коронавирус.

Рускиот предлог предвидува продолжување на механизмот за хуманитарна испорака до погодените региони во Сирија за уште шест месеци, но ограничување на бројот на граничните премини за овие испораки на еден објект – контролниот пункт Баб ал-Хава на турско-сириската граница.

На 7 јуни, Русија и Кина ставија вето на нацрт-резолуцијата од Германија и Белгија, во која се предлагаше да се остават отворени два гранични премини за испорака на помош во Сирија. Сегашниот договор за испорака на помош во Сирија истекува на 11 јули. Затоа, Советот за безбедност има 48 часа за да постигне компромис.

Постојаниот претставник на Руската Федерација во ОН, Василиј Небенза, во вторникот изјави дека Русија смета оти е неопходно постепено да се ограничува прекуграничниот механизам за помош за Сирија.

Според Небенза, ситуацијата во Сирија драстично се променила во последните шест години, а територијата контролирана од сириската влада значително се зголемила. Затоа, хуманитарната помош за тие региони може да се спроведе во координација со сириската влада.

Советот за безбедност на ОН донесе одлука да ги почне прекуграничните хуманитарни операции во Сирија во јули 2014 година. Во јануари 2020 година ја продолжи релевантната резолуција за шест месеци, но бројот на контролните пунктови беше намален од четири на два на границата со Турција .

Во јули, спонзорите на резолуцијата, Германија и Белгија, предложија продолжување на работата на две точки за една година со можност за отворање друг контролен пункт. Русија и Кина се спротивставија на оваа иницијатива.

Треба да знаете
Последни објави