Search

Собранието ја прекина 22., по паузата ќе продолжи со работа по 20. и 21. седница

Собранието денеска во рамки на 22 седница без расправа ги усвои одликите за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународната операција на Европската Унија „ЕUТМ RCA” во Централна Африканска Република, за именување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, како и за изменување на одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Пратениците без дискусија ги усвоија и одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави, како и одлуката за распишување оглас за избор на народен правобранител, поднесена од Јован Митрески и Арбер Адеми.

Претходно, пред утврдувањето на дневниот ред пратениците со 61 глас за, без ниту еден воздржан или против, одлучија по скратена постапка да биде разгледан Предлогот за дополнувања на Деловникот на Собранието на Република Македонија, со што треба да се овозможи пратениците кои се во изолација поради позитивен тест на КОВИД-19 или поради контакт со лице со позитивен тест да можат да се вклучат во работа на Парламентот од далечина или онлајн, поднесен претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Тој рече дека сите што имаат забелешки на Предлогот за дополнувања на Деловникот на Собранието, да ги достават и најави дека како предлагач ќе ги разгледа сите забелешки и предлози. Според Џафери, Предлогот, кој е во скратена постапка, по изгласувањето на потребата од носење, треба да помине на Комисија, а потоа пак да се врати на гласање на пленарна седница.

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива побара повлекување на точката за измени на Деловникот од дневен ред бидејќи, како што рече, тие не се усогласени со опозициските пратеници, што не беше прифатено од мнозинството.

Пред утврдувањето и гласањето на дневниот ред салата ја напиштија пратениците Левица, по вербалната расправа што пратеникот Димитар Апасиев ја имаше со претседателот на Собранието, Џафери околу можноста за произнесување во врска со дневниот ред, односно дали дискусијата треба да трае три или десет минути.

– Кажете ми по кој член ми кратите седум минути од тоа што имам да го кажам. Член 70 став два вели дека предлагачите се должни да поднесат материјал и да образложат во траење од 10 минути, овозможете ми го тоа, рече Апасиев.

Џафери рече дека Апасиев се повикува на погрешен член од Деловникот.

– Член 77 од Деловникот став 1 вели Собранието без претрес се изјаснува за секој предлог за изменување и дополнување на преложениот дневен ред и за предлогот на дневниот ред на седницата во целина. Став два предвидува образложението за предлогот за изменување и дополнување на предложениот дневен ред во траење од три минути, рече Џафери.

Апасиев забележа дека има поднесено писмено точка за дневен ред на седница и оти има право да говори десет минути.

– На 21 октомври Левица има поднесено Декларација. Со вашето рестриктивно толкување на член 69 став два по предлог на опозиција на секоја втора седница се става точка. Во Собранието има 58 пратеници од опозиција, ако одржуваме просечно две седници месечно дали тоа значи дека 116 седници ќе ми требаат мене како пратеник да поднесам закон, што е мое право по Устав, вели Апасиев.

На денешната седница на Собранието не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери пред редовната пауза ја прекина оваа денешна 22 седница, и најави дека попладнево ќе продолжат со работа прво по точките од дневен ред на 20. седница, по чие завршување би требало да преминат на точките од 21. Дури потоа, рече Џафери, Собранието ќе продолжи со работа по дневниот ред од 22. седница.

Треба да знаете
Последни објави