Search

Собранието ја избра Добрила Кацарска за судија на Уставниот суд

Собранието на Република Северна Македонија попладнево на продолжение  на 20. седница со 61 глас „за” ја избра Добрила Кацарска за судија на Уставниот суд.

Претресот за предлогот Кацарска да биде избрана за  судија на Уставениот суд беше претходно завршен.

По изборот Кацарска даде свечена изјава за стапување на функцијата.

Кацарска доаѓа на функцијата уставен судија од местото судија на Основниот кривичен суд Скопје на предлог од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Во нејзината биографија меѓу другото е наведено дека има завршено Правен факултет на „Јустинијан Први” 1982 година, а две години подоцна и правосуден испит. Нејзиниот приправнички стаж во Основен суд Скопје 1 – Скопје го завршила во периодот од 1982 до 1984 година. Била стручен соработник во Основен Суд Скопје 1 – Скопје во периодот од 1984 до 1986 година. Од 1986 до 2005 година Кацарска била судија во Основен суд Скопје 1 – Скопје во граѓанскиот оддел – за парници. Од 2005 до 2009 година била на функцијата претседател на Основен суд Скопје 1 – Скопје, а в.д. претседател на овој Суд од февруари 2009 до јули 2009. Од јули 2009 година заклучно со декември 2017 година таа е судија во Основниот суд Скопје 1 – Скопје во Кривичниот оддел, а од јануари 2018 година до денес судија во Основен кривичен суд Скопје во специјализираното судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на државата.

Во нејзината биографија е наведена дека Кацарска била и едукатор во Академијата за обука на судии и јавни обвинители за почетна и континуирана обука во период од четири години. Посетувала и голем број обуки и семинари на национално и регионално ниво, била дел од повеќе проекти и регионални работилници за модернизација на судството, како и на повеќе студиски посети.

Кацарска ги владее англискиот и рускиот јазик. Била член на работни групи за изготвување на неколку закони и е еден од авторите на прирачникот Водич за новоизбрани претседатели и секретари на судови.

Треба да знаете
Последни објави