Search

Собранието прифати повеќе предлог-закони во прво читање

 Пратениците попладнево во рамки на продолжението на 15. седница дадоа поддршка на повеќе предлог-закони, во прво читање, меѓу кои и Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на укажувачи, како и предложените измени и дополнувања на законите за судски такси, за автокампови и за скијалишта.  На седницата беше констатирано дека сите предлог-закони се прифатливи и можат да се дадат на натамошно, односно второ читаење.

Претседателот на Собранието Талат Џафери констатира дека дневниот ред на 15-та седница е исцрпен и оти утре почнува расправата за ребалансот на буџетот на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Додека таму трае расправата, како што најави, ќе нема пленарна седница.

За предложените измени на Законот за заштита на укажувачи  „за” гласаа 82 пратеници, воздржани беа двајца, а ниту еден против.

Во расправата за Предлог-законот, пратениците од владејачкото мнозинство наведоа дека основна цел на предложениот закон е усогласување на прекршочните одредби од Законот за заштита на укажувачи со одредбите од Законот за прекршоците.

Пратеничката Ели Панова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека како земја не сме создале доволно услови за да заживее овој закон. Повикувајќи се на извештаите на „Транспаренси интернешнл”, рече дека земјава е на 106. место по корупција во регионот и додаде оти во сите институции се случуваат одредени дејствија кои  како држава не сакаме да постојат.

-Доколку овозможиме да заживее овој закон, ќе овозможиме и да откриваме одредени дејствија, одредени кривични дела кои не смее да ги имаме во Република Македонија, рече Панова.

Пратеничката Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ, реплицирајќи и, посочи дека се врши усогласување на овој закон, како и на многу други, согласно генералниот Закон за прекршоци, со генералната политика каде, како што рече, освен што вршиме намалување на казните, правиме и градација на казните, што е многу правично.

Калеска-Ванчева рече дека ако се направи анализа ќе се увиди дека за одредени суштински прекршувања, токму заради заштита, се предвидени сериозни казни. Апелираше „да не се замајува јавноста дека се води грижа за вистинска имплементација на законите”.

Треба да знаете
Последни објави