Search

Собранието објави оглас за aнтикорупциската комисија, Тасева обвинува дека добрите антикорупционери не се пожелни

Собранието го објави огласот за избор на новиот состав на Комисијата за спречување на корупција.Огласот ќе трае 7 дена, по што ќе следува и јавно интервју на кандидатите. Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија според новиот Закон се скратени со цел новата комисија да се формира пред да започне кампањата за претседателските избори.

Интервјуата на кандидатите ќе се пренесуваат директно на МТВ, а ќе ги водат претставници од МАНУ, од Интерпарламентарната унија, здруженија на граѓани кои се занимаваат со антикорупција.

Како што е наведено во огласот, се избираат претседател на комисијата и шест члена со мандат од пет години, кои нема да имаат право на повторен реизбор. При изборот, според новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на подеднаква родова застапеност.

Законот за спречување на корупцијата ги забранува анти-корупционерите од сите состави. Добрите анти-корупционери се помалку прифатливи од политичарите, реагираше на Фејсбук претседателката на Транспаренси Интернешнл, Слаѓана Тасева.

,,Поголемо признание не сме можеле да добиеме!Законот за спречување на корупцијата ги забранува анти-корупционерите од сите состави!. Ова е многу повеќе брутално и видливо изразено во Огласот објавен од Собранието.Поранешните членови на Државната комисија за спречување на корупцијата од сите состави во изминатите 17 години, а посебно оние со интегритет, не се пожелни. Не дека имав намера да се пријавам. Тоа за мене е веќе надминато, ама овој гест многу кажува.СЕ ПЛАШАТ!!Или нема да има вистинска борба против корупцијата.

Во законот ограничувањето за членство во комисијата за политичари и членови на власта е 10 години, а за членовите на ДКСК, засекогаш. БРАВО! Добрите анти-корупционери се помалку прифатливи од политичарите.Нека ни е со среќа новата анти-корупциска комисија”, напиша Тасева.

Новиот Закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице кое во последните 10 години било донатор на политичка партија, пратеник или член на Влада. Исто така, новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото и да имаат завршено правни, економски, политиколошки или комуникациски студии.

Антикорупциска комисија ќе ги следи промените на имотите на функционерите и по завршувањето на нивниот мандат, ќе проверува сомнителните грантови и тендери и ќе има увид во финансиското работење на партиите.Државната комисија за спречување на корупција не функционираше повеќе од 11 месеци по оставките кои ги поднесоа членовите на комисијата поради сомнеж за злоупотреби на буџетски пари.

Треба да знаете
Последни објави