Search

Собранието ги усвои во прва фаза сетот закони за реформи на безбедносно-разузнавачкиот сектор

Собранието денеска во рамки на 90. седница го усвои во прво читање сетот закони за реформирање на безбедносно-разузнавачката заедница, со кои меѓу другото се реформира Управата за безбедност и контраразузнавање и се предвидува формирање на Агенција за национална безбедност.

Во второ читање одат предлог законите за Агенцијата за национална безбедност, за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија, за изменување на Законот за следење на комуникациите, за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи и за изменување и дополнување на Законот за странци странци. Со последите три закони само се усогласува текстот поради формирањето на новата агенција.

Во изготвување на овие закони, кои произлегуваат од препораките на Прибе учествуваа и пратениците од опозицијата, но дебата мина во расправии меѓу власта и опозицијата, кој всушност стои зад масовното прислушување, како кадровски ќе се екипира новата Агенција без дамките од минатото, како ќе се одреди кој е соодветен, а кој не да работи во новата Агенција  и како ќе се избегне влијанието на партијата и нејзините интереси во работата на оваа служба.

-Оваа реформа е поттикната од она што се случуваше во минатото и е поврзана со безбедносно-разузнавачките служби, а согласно препораките на експертската група на Прибе, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, образложувајќи ги пред пратениците сетот закони, а пред се говорејќи за новата Агенција за национална безбедност.

Нагласи дека оваа реформа не е екслузивитет на МВР, поради што во подготовката на законското решение биле вклучени сите засегнати субјекти во општеството, а процесот се одвивал во неколку фази со цел да се избере најдобриот модел, кој ќе биде согласно НАТО и ЕУ стандардите.

-Ова политички е многу важен момент за сите нас, да го разбиеме митот за концетрација на моќта во МВР, посебно на УБК. Целта е со новиот закон да се обезбеди модерна и демократска структура на разузнавање, со што ги исполнуваме европските стандарди и оние на НАТО, рече министерот за внатрешни работи.

Нагласи дека е направен обид законот за новата агенција да биде прецизен, во него јасно е дефиниран мандатот на агенцијата, мерките кои може да ги презема, се регулира ракувањето со тактичката опрема, нешто што претходно било користено, а граѓаните не ни знаеле дека постои.

Еден од клучните недостатоци во минатото, посочи Спасовски, е недостигот на постоење на контрола врз работата на оваа институција и додаде дека со законското решение е предвидена повеќестепена контрола.

Неколку нивоа на контрола ќе има работењето на новата Агенција – Собранието, Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Советот за граѓанска контрола, Државниот завод за ревизија, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Секој граѓанин ќе има право да ги побара собраните информации и тековните истраги, кои се водат против него, а властите ќе мора да ги обезбедат, без при тоа да се открие изворот. Исто така, базата на податоци треба да биде избришана во моментот кога повеќе не е потребно за тековни истраги или за судски случаи.

Предвидена е и посебна организациска единица за внатрешна контрола, чиј раководител ќе биде назначен од директорот, но по претходна консултација со Собранието, односно со собраниската комисија која е надлежна за надзор на работата Агенцијата, со цел да се обезбеди тоа да биде квалификувана личност со кредибилитет.

Агенцијата работи во делот на превенцијата, а не во делот на репресијата, ќе има строго движење на информациите, тие немаат доказна вредност, претставуваат само индикации, а сето она што се собира потоа се отстапува на правосудната полиција. Таа делото понатаму го доставува до обвинителствата и судовите. Легитимитетот АНБ го црпи во Јавното обвинителство и Врховниот суд, тоа се институциите со кои комунцира.

Агенција за национална безбедност, треба да профункционира од 1 јуни, како владина агенција, предводена од директор, именуван од Владата, на предлог на премиерот, а нејзините вработени нема да имаат полициски овластувања.

Спасовски нагласи дека се предвидени строги критеруми за директорот на новата агенција, но и за неговиот заменик.

-Целта е да се изгради систем, кој нема да зависи од политичката елита, од раководителите на некои структури, туку систем, кој ќе работи во заштита на државата и интересите на граѓаните, нагласи Спасовски.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ даде неколку забелешки во однос на законското решение, но напомена дека најголемата се однесува на човечкиот фактор.

-Без разлика кави закони и да носиме, какви реформи и да правиме, на крајот на краиштата човечкиот потенцијал, луѓето, кои работат таму се тие кои треба да ги спроведуваат законите. Ако немаме добри и квалитетни луѓе, во класификацијата на раководителите не е напишани какво работно искуство треба да имаат, рече Илиевски.

Додаде дека во начинот на префрлање на постоечкиот кадар од УБК во новата агенција со процесот на селекција, меѓу другото се бара и евалуација на вработениот за претходната календарска година од неговиот непосреден раководител, што според него ја отвора вратата за субјективизам.

Министерот Спасовски посочи дека воопшти не е строго и неприфатливо оние кои нема да ги исполнат безбедносните проверки да добијат отказ.

-Мора да признаеме дека за жал таму постојат луѓе, кои се срам за службата и кои се креатори на случувањата од минатото и вие ќе се согласите дека треба да сториме се за да ги ослободиме службите, додаде Спасовски, нагласувајќи дека тука не смее да станува збор за партиски интереси, туку „партијата што ја штитиме се вика Македонија”.

Фросина Ташевска Ременски од СДСМ нагласи дека таа лично, но и сите 20 илјади граѓани сакаат да знаат кој стои зад незаконското прислушување.

-Не прифаќам дека за тоа се виновни само тие што избегаа, за жал морам да констатирам дека во процесот на реформи учествуваат и луѓе, кои не така лесно може да се амнестираат. Кој ќе ги реформира реформаторите е вистинкото прашање. Од дотраено одело нов костум не бива и сега дојдовме до ситуација во која не треба да дозволиме УБК само  да го смени своето име, а да остане во рамки на истиот кадровски потенцијал, кој под превезот на некаква солидарност ќе остане можеби нечепнат, нагласи таа и додаде дека вработените во оваа агенција треба да има пред се лојалност кон државата, а не кон одредена личност.

Спасовски го појасни и предлогот за координација на безбедносно-раузнавачката заедница, нагласувајќи дека досега земјата имала проблем токму во координацијата на овие служби, а со реформите е предвидено формирање на Совет за координација на безбедносно-раузнавачката заедница. Тој напомена дека ќе се овозможи слевање на сите информации од оваа сфера на едно место и градење на соодветни стратегии за решавање на одредени прашања од областа на безбедноста.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со ова се прави паралелен систем и се придонесува за концетрација на голема моќ во рацете на премиерот, кој ќе претседава со тој Совет.

Пратениците во прво читање ги усвоија и предлог законите за класифицирани информации, за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги и за Централен регистар на население.

На седницата пратениците донесоа одлука и да се овозможи во скратена постапка да се донесат повеќе закони, меѓу кои предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за банките, за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, за спречување и заштита од дискриминација.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на самиот почеток на седницата забележа што од 15-тина закони, пет се со европскот знаменце, десет се по скратена постапка.

Им порача на пратениците на власта дека тие додека биле во опозиција и забележувале на ВМРО-ДПМНЕ токму поради таквата пракса на носење закони и побара од неа да биде потранспаретна.

Продолжението на 90. седница претседателот на Собранието, Талат Џафери го закажа за утре во 12 часот.

Треба да знаете
Последни објави