Search

Снајперистката на „тигрите“: Во оваа работа нема реприза и секоја грешка скапо се плаќа

Дека снајперистите се елитни специјалци зборува фактот дека во снајперскиот тим на Единицата за специјални задачи „Тигар“ се одбираат само најдобрите припадници од единицата. Старешините не бараат само одлични стрелци, бидејќи специјалаците одлично ракуваат со секое оружје, туку се бараат поединци кои се одговорни и кои во најтешките и најсложените ситуации знаат да донесат одлука со ладна глава. Снајперистот мора да биде во состојба во секоја ситуација сам да донесе одлука дали да дејствува или не, затоа што можеби од неговата одлука зависат животите на неговите колеги.

Александра  е 28-годишна припадничка на ЕСЗ „Тигар“ и е единствена жена-снајперист во Македонија како дел од снајперскиот тим на единицата. Таа за 24 Инфо вели дека тоа што е жена не ја спречува да биде најдобра и единствена жена во оваа професија, бидејќи во оваа професија успеваат најдобрите. Александра обезбедувала ВИП личности во посета на земјава, а сега таа и нејзините колеги ќе го обезбедуваат и доаѓањето на папата.

Вооружена со пушка, а на себе со комплетна заштитна опрема, опрема за комуникација, за набљудување, за камуфлирање. Дождот, студот, сонцето не се пречка со часови, а некогаш со денови да биде во иста положба. За сето ова да се издржи и да се спроведе задачата мора да биде врвно психо-физички подготвена, телото да го издржи напорот, но најбитно е карактерната особина, а тоа е трпеливоста и истрајноста.

Александра по завршувањето на средно училиште во Берово, се запишала на Факултетот за безбедност во Идризово. Вели дека најголемо влијание и поддршка да биде полицаец имала од семејството.

Растев во семејство кое ме воспитуваше да си ја сакам татковината, да ги ценам основните вредности на животот, да им помагам на луѓето. Полицијата е една од ретките професии во која што можеш да ги оствариш тие цели. Фактот што сум жена не ме спречува да си го оставрам сонот бидејки приматот на жена – домаќинка оддамна замина во минатото, всушност баш напротив, ми дава повеке сила и мотивација да докажам и покажам колку жената навистина вреди и дека може да се носи рамо до рамо со мажот.

По едногодишната обука во Идризово, таа веќе четири години е во ЕСЗ „Тигар“.

Освен што ја сакам мојата професија-полицаец, исто така скокам со падобран, сакам активен живот, сакам адреналин и со самото тоа оваа единица е идеалното место за тоа. Не ми беше тешко да се одлучам да станам припадник на „Тигар“ бидејќи верував во себе и во моите способности. Освен одлуката да се работи овде, треба и огромна желба, многу вложен труд, да се вложите себеси бидејќи многу се тие што се одлучиле, но малку се тие кои останале до крај.

Припадник е на снајперскиот тим. Како се одлучила да биде снајперистка и дали таа избрала или ја одбрале, вели дека пресудна била селекцијата и резултатите од обуката.

Секој нов припадник за да влезе во единицата поминува низ неколку фази, почнувајќи од дрил тест па се до крајната фаза. Во текот на тие фази старешините кои што се одговорни за кандидатите прават досијеа за секој посебно и го следат напредокот на секој еден кандидат, на крајот даваат оценка и мислење според постигнатите резултати за тоа кој ќе влезе во специјализираните тимови. Така, одлуката не ја донесов јас, но моја е честа што сум дел од оваа елита. По влегувањето во единицата, започна и основата и зачетоците на снајперизмот. Ме обучуваа старешини кои се врвни професионалци, потоа следуваше напредна обука, моментот кога си се стекнал со одредени познавања за снајперизмот па се надоградуваш со работи кои што веќе го карактеризираат реалниот снајперизам, почнуваш сам да истражуваш, испитуваш работи кои што би ти користеле, разменуваш мислења, искуства со колеги, инструктори-старешини домашни и странски. Снајперизмот е наука која што постојано се учи и надоградува, технологијата исто така оди напред, излегуваат нови ситуации, меѓутоа и нови уреди, помагала кои што се вметнуваат во снајперизмот. Можам да кажам дека снајперистот специјализира цел живот.

Секој ден кандидадите се подложни и на психолошка подготовка, а во текот на обуката се учи и тактиката, проценката на одалеченоста на метата, разните варијабили кои влијаат на траекторијата на зрното. Снајперистите се познати по нивната вештина, прецизно да ја погодат целта од големо растојание. Самото тоа подразбира за колку тешка задача станува збор и колку многу фактори влијаат на траекторијата на зрното при пукање во мета од големо растојание.

Никогаш не сум сама кога сме на задача, одиме двајца спотер или помошник и снајперист. Снајперистот не седи со часови, во буквална смисла на зборот. Тој набљудува, мери далечини, скицира, размислува, прави планови, прави пресметки.. Значи тоа што за обичниот човек претставува напор, тоа за снајперистот претставува работа. Исцрпувачки, напорно, интересно. Морам да признаам дека учев од навистина врвни професионалци кои што даваа се од себе да ни го пренесат сето свое познавање и вештини и да направат од нас луѓе на кои што се гордеат и тие и државата. Обуките се одвиваат во секакви услови и во сите временски услови – топло, ладно, сонце, дожд ветар..меѓутоа желбата да се биде дел од оваа екипа беше поголема од се друго. На почетокот не учеа инструктори од нашата единица, подоцна се организираа разни семинари со инструктори-обучувачи од други држави кои што разменуваа разни искуства и знаења и навистина помогнаа во нашето надоградување.

Двете најголеми варијабили кои влијаат на траекторијата на зрното се ветерот и гравитационите сили, кои снајперистот и неговиот помошник, мора да ги земат во предвид при проценката на оддалеченоста на метата.

 

Без разлика на јачината на пушката, гравитационата сила почнува да влијае на зрното во истиот момент кога ќе излезе од цевката, што значи дека оптиката на цевката се прилагодува така што цевката на пушката при пукањето е насочена над метата. На правецот на зрнто влијае и надворешната температура на воздухот, така што ладниот воздух е погуст и му дава отпор на зрното како и влажноста на воздухот. За прецизно да се намести оптиката на снајперот се користат математички формули и искуството на снајперистот и набљудувачот, а техниката се вежба секојдневно.

Да се биде жена – специјалец е тешка професија, но уште потешко жена-снајперист. За да се справи со снајперските предизвизци вели дека мора да биде во одлична психо-физичка форма.

Работниот ден на снајперистот во „Тигар“ зависи од ангажманите на единицата. Доколку има работа, се оди на терен и се работи тоа што најдобро го знае специјалецот. Доколку дента нема ангажман, снајперистот спортува, вежба, физички се оддржува бидејки секогаш мора да биде во врвна форма, потоа учи, оди на обука оди на гаѓање, односно кондицира цело време. Ако се сака нешто, ништо не е тешко, има време за работа, за тренизи и за приватен живот. Во оваа работа нема реприза и секоја грешка скапо се плаќа. Но со голема самодоверба го намалувам притисокот со кој се справувам на работа. Само со напорна работа, обука, учење, надоградување, со самоиницијатива за усовршување се доведува до зголемена самодоверба и помал притисок. Ризик постои. Штом излегуваме од база и одиме на позиција постои ризик, но ние сме спремни токму за тоа и поради тоа излегуваме. Постојат две страни. Еден живот во кој што може да се слушат триста чуда во извршување на една задача додека си на работа, и потоа одиш дома мораш да се прилагодиш на семејството. Малце е тешко да работиш во два мода, на пример дента имало престрелка или слично и после треба да си одиш дома. Треба да бидеш професиналец и да знаеш да се носиш со ова.

 

Снајперистите од „Тигар“, приматот меѓу првите 5 најдобри стрелци во светот го држат повеќе од десет години. До сега, нашата соговорничка не учествувала на натпревар по снајперизам, но пред неколку месеци учествувала на натпревар по практично пукање од пиштол каде што нејзиниот тим од „Тигар“ влегол во првите десет места во светот.

Се носиме со највисоките специјални сили во светот, не во регионот туку во светот. Досега не сум учествувала во Снајперски куп, но во ноември минатата година бевме во Кина, каде што се натпреварувавме со пиштол и влеговме во првите десет земји. Натпреварот беше на светско ниво и учествуваа повеќе од 450 учесници. Тимот на „Тигар“ во кој бев јас и уште тројца колеги и нашиот старешина, не освоивме медал но, влеговме во првите десет земји. Пиштолот е примарно оружје, а стануваше збор за натпревар за практично пукање. Не е прецизно пукање каде што има мети и пукаш, туку практично пукање. На натпреварот имаше 10 сцени и секоја сцена беше посебна ситуација, на пример се работи за заложник, за спасување на лице, за терористички напад.. Влегуваш во сцената и тогаш гледаш што треба да правиш, каде да пукаш, каде да се движиш, имаш ограничено време со ограничен број на куршуми и ограничен простор. Многу строги правила, на пример не можеш секаде да се движиш, оружјето не смееш секаде да го насочуваш бидејќи веднаш следи дисфалификација. Но, ние сме задоволни од тоа што го покажавме.

Оружјето што Александра го носеше кога нашата екипа беше во базата на „тигрите“ е Accurasy international, британско оружје со 0,308 инчи или 7,62 мм калибар на цевката.

Имаме и други пушки, ова не е најновиот модел, но ја имаме и ја користиме и најновата генерација оружје. За да биде успешен погодокот не е важна само пушката, многу е битна и оптиката, оптичкиот дел за зголемувачот на оружјето. Користиме и други прирачни средства како мерачи на ветер, имаме мини метаролошки станици со балистички калкулатор на поголеми далечини што е многу важно. Значи ако сега овде дува ветер, ќе има многу голема отстапка на крајната цел и мора да се пресмета брзината на ветерот со далечината на целта и да се пресмета колку ќе има отстапка и да се направиш преместување. Тоа е цела наука.

Александра ни раскажа и за нејзиниот најубав момент, кога нејзиното момче ја побарало за сопруга, а прстенот го извадил од водите на Охридското езеро.

 

-Мојот вереник е исто така полицаец, но не е во оваа единица. Бевме во Охрид, а сопругот, кој инаку не знае да нурка, се договорил со колегите од нуркачкиот тим наводно да го учат. Но они претходно  сé се договориле. Влегоа во езерото, јас седев надвор и ги чекав. Кога излегоаа од водата се запали светло, почнаа сите да снимаат. Јас на почетокот не знаев што се случува, бев збунета, и потоа ми предложи брак.

Даниела Вељановска

Фото: Слободaн Ѓуриќ

Приватна архива

Треба да знаете
Последни објави