Search

Случувањата во Србија за ЕУ не се пречка за дијалогот со Косово

Европската комисија потврди дека новата рунда од дијалогот помеѓу Белград и Приштина планирана за недела останува закажана од европска страна, и покрај протестите во Белград, јави дописничката на МИА од Брисел.

Одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема, портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, рече дека “од наша страна плановите за недела остануваат”.

В недела косовскиот премиер и српскиот претседател треба да допатуваат во Брисел за средба под покровителство на високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел и специјалниот претставник за западен Балкан, Мирослав Лајчак, за првата рунда преговори помеѓу Белград и Приштина година и половина откако се замрзна дијалогот помеѓу двете страни.

-Очекувањата се дека дијалогот ќе се рестартира, за прв пат од 2018, очекувањата се високи за рестартирање на процесот и како што рековме во повеќе наврати статус-квото не е одржливо, има договор да се дојде во Брисел за рестартирање, што е добро, но ова нема да биде еднократен настан со конечен договор, нашата е цел да се вратиме на дијалогот со цел постигнување на сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на односите, рече портпаролот на Борел, Петер Стано.

Европската Унија не ја наметнува оваа рунда, туку има улога на олеснувач, потсетува портпаролот, но јасно е дека без нормализација на односите помеѓу двете страни, последиците ќе бидат опипливи за европските перспективи на двете земји.

-ЕУ аспирациите водат преку дијалогот, рече Стано.

Што се однесува до протестите и воведувањето нови рестрикции поради коронавирусот во Србија, Европската комисија останува на истиот став како и вчера, а тоа дека правото на мирен протест мора да биде загарантирано и дека ограничувањето на темелните права и слободи мора да биде строго пропорционално и временски ограничено.

Европската комисија „одблизу ги следи случувањата” во Србија и изразува загриженост, рече Писонеро, додавајќи дека заштитувањето на здравјето на луѓето треба да остане врвен приоритет.

Треба да знаете
Последни објави