Search

Словенечкото Собрание расправа за таканаречениот „Мега корона закон”

Пратениците во словенечкото Собрание денеска ја започнуваат расправата за таканаречениот „Мега корона закон” вреден три милијарди евра, јави дописникот на МИА од Љубљана. Законот предвидува финансиска помош за граѓаните и компаниите кои трпат големи загуби поради епидемијата на коронавирусот.

Владејачката коалиција предводена од премиерот Јанез Јанша смета дека со законот финансиска помош ќе добијат сите категории на граѓани, а компаниите ќе ја имаат потребната поткрепа да ја поминат кризата.

Опозицијата, пак, смета дека со „Мега корона законот” помош нема да добијат сите граѓани. Од партијата Левица кажаа дека законот е наменет да му се помогне само на крупниот капитал, односно големите компании, а работниците ќе добијат многу мала помош.

Инаку, законот кој се подготвуваше неколку недели предвидува сите самовработени, кои пореди епидемијата не можат да оствараат соодветен прихот да добијат помош од 700 евра, а државата ќе им ги плати и придонесите.

Помош од државата во висина од 150 евра ќе добијат и сите редовните студенти во Словенија.

Додаток на плата во висина од 100 евра ќе добијат и семејствата со три деца, а оние кои имаат повеќе ќе добијат државна помош од 200 евра месечно.

Државни пари на сметка ќе добијат и пензионерите, а висината ќе зависи од тоа колкава им е пензијата. Оние со најниски пензии до 500 евра ќе добијат 300 евра помош, тие до 600 ќе добијат 230 евра од државата, а на оние со пензии над 700 евра им следуваат 130 евра помош.

Што се однесува до компаниите, за да се зачуват работните места државата го презема плаќањето на придонесите за сите вработени, кои поради намалениот обем на работа ќе бидат испратени дома на таканаречено „чекање”, односно седат дома.

Дополнително, здравствените трошоци за време на епидемијата целосно ќе ги покрива Фондот за здравство, а не работодавецот.

Треба да знаете
Последни објави