Search

Словенечкиот премиер ја обвини Еврокомисијата за пристрасност кон големите земји

Словенечкиот премиер Марјан Шарец во интервју за магазинот „Политико Европа” бара идниот претседател на Европската комисија да биде „непристрасен” и да даде поддршка за помалите земји членки на ЕУ.

Шарец се осврна на граничниот спор помеѓу неговата земја и Хрватска и оцени дека односот на Европската комисија кон хрватскиот сосед бил „мек” поради тоа што владејачката партија во Хрватска е дел од истото политичко семејство како и претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер, Европската народна партија (ЕПП).

Словенечкиот премиер додаде дека неговата земја како и другите помали членки на ЕУ се „иритирани” од пристрасноста на Еврокомисијата кон поголемите земји членки, посочувајќи го случајот со фискалните правила на ЕУ, за кои Комисијата со години покажува многу поголема флексибилност кога е во прашање Франција, отколку другите земји.

– Потребна ни е Европска комисија која ќе го почитува владеењето на правото, ни треба Комисија која ќе биде помалку политичка, изјави Шарец за „Политико Европа”.

Тој вели дека е разочаран што Јункер не кажал јасно дека треба да се почитува владеењето на правото, туку рекол оти нема да зазема страна во спорот.

– Она што требаше да го каже е дека мора да се почитува владеењето на правото, вели премиерот на Словенија.

Шарец, кој е член на Алијансата на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ), смета дека на чело на идната Европска комисија треба да застане Маргарет Вестагер, сегашна еврокомесарка за конкурентност и кандидатка на либералните демократите за оваа функција.

Словенечкиот премиер упати остри критики и кон претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, кој неодамна изјави „да живее Трст, да живее италијански Трст, италијанска Истра и италијанска Далмација”. Загреб и Љубљана ја осудија изјавата и ја нарекоа фалсификување на историјата и ревизионизам.

Тајани исто така предизвика големи контроверзии во јавноста кога изјави дека Мусолини направил позитивни нешта во Италија.

Треба да знаете
Последни објави