Search

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Словачкиот референдум за уставните измени за изборните реформи пропадна поради недоволна излезност, покажаа првите податоци на државната изборна комисија. Само четвртина од запишаните гласачи се изјаснија на референдумот, а за неговата законска важност потребна е излезност од 50 проценти.

Право на глас имаа вкупно 4,5 милиони гласачи.

Уставните измени требаше да овозможат предвремени избори, како што е вообичаено во другите земји од ЕУ.

Уставот на Словачка сега предвидува дека Парламентот, што се избира со четиригодишен мандат, не може да се распушти предвреме, дури и ако владата падне и не може да се собере мнозинство за нова коалиција.

Левичарската опозиција го изнуди референдумот откако околу 400.000 гласачи потпишаа петиција за промена.

Во Братислава моментално владее популистичка конзервативна трипартиска коалиција која повеќе нема парламентарно мнозинство. Во случај на нови избори и се заканува целосен распад според сите анкети. Затоа владејачките партии се обидоа да го спречат одржувањето на референдумот. Последниот референдум на кој беше постигната потребната излезност беше пред 20 години, кога Словачка влезе во ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави