Search

Слепи и аутистични деца чувале во кафези во Центарот за грижа на Пелопонез

Слепо девојче кое речиси десет  години живеело затворено во кафез, две аутистични сестри живееле едната во кафез, другата врзана за кревет, десет деца со Даунов синдром кои не знаат да одат се само дел од судбините на децата со попреченост сместени во специјалниот Центар за грижа на грчкиот полуостров Пелопонез, кои денес ги објави  грчкиот весник „Етнос”, јави дописничката на МИА од Атина.

Според весникот, во изминатите две и пол години ситуацијата е подобрена бидејќи со децата работи групата за интервенции од грчкиот Центар за детско здравје. Тие се финансиски потпомогнати од невладината организација на британската новелистка Џоен Роулинг, авторка на серијалот книги „Хари Потер”, но програмата завршува во декември годинава.

Специјалниот тим  од 2016 година успеал да извади од „заробеништво” 30 од 36 лица од Центарот. Дел од децата живееле или во кафези или со врзани раце и нозе бидејќи страдаат од сериозни болести што можат да доведат до самоповредување.

Осумнаесетгодишна слепа девојка, во Центарот била згрижена кога имала седум години, живеела во кафез и до пред 2,5 години не го разбирала ниту нејзиното име. Сега, со помош на специјалниот тим, успева да каже неколку зборови, излегува надвор за да слуша музика, за да си игра, за да учи. Не е целосно извадена од кафезот, бидејќи долгогодишната затвореност во кафезот не дозволува брзи промени, но оние кои што се грижат за неа и подготвуваат нов простор за живеење.

-Претпоставуваме дека бидејќи беше слепа, неколку години ја оставија надвор, но кога почна да паѓа и да се удира, едноставно ја ставија во кафез. Постојат и други како девојчето. Најдовме најмалку 10 лица со Даунов синдром кои не одат, а синдромот, самиот по себе не е биолошка причина за некој да не може да оди. Не одат, бидејќи континуирано биле принудени да бидат неподвижни или во кафез. Имаше девојче кое го ставиле во кафез бидејќи си ја чешало главата, изјави за „Етнос”, Пати Сотиропулу, член на тимот од Институтот за детско здравје.

Друг случај што го пренесува „Етнос” се двете аутистични сестри на околу 30 години, кои на четири и петгодишна возраст биле згрижени во друга институција и биле многу блиски, но откако дошле во конкретниот центар немале никаков контакт. Едната живеела во кафез, другата со врзани раце и нозе. Сега, откако специјалниот тим работел со нив и двете се слободни и планирано е заедно да бидат сместени во иста соба со нормални кревети.

Пред неколку години, кафезите биле главната тема во документарец на ББЦ, а во 2011 година извештај за ситуацијата во Центар за грижа на деца со попреченост доставил и народниот правобранител на Грција.

Треба да знаете
Последни објави