Search

Скратување на роковите за добивање информација од јавен карактер и зголемување на транспаретноста, бараат новинарите

Скратување на роковите за добивање на информација од јавен карактер, зголемување на транспаретноста на имателите на информации и можност за повисоки прекршочни санкции, се дел од барањата на новинарите кои денеска учествуваа на онлајн дебатата што ја организираше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Според новинарите, рокот од 20 дена за добивање информација предвиден во законот, е премногу долг за медиумите, особено во случаи кога треба да се објави дневна вест. Предлогот е да се воведе скалест рок, односно за граѓаните да остане рокот од 20 дена, но за медиумите овие рокови да бидат скратени.

Оценката на медиумите е дека институциите ја користат и актуелната ситуација со Ковид-19, само за да не ги дадат информациите кои се бараат од нив.

– Транспаретноста која е на килави нозе отсекогаш, сега е целосно ставена ад акта со образложение дека луѓето работат од дома и не се во можност да ги достават информациите. За жал, кога ќе дојдете во ситуација да побарате информација, се покажува точно она дека администрацијата постои за да ви оневозможи пристап до информации. Луѓето задолжени за информации од јавен карактер се како брана за вие да не ја добиете информацијата, истакна Тамара Чаушидис.

Таа вели податоците ни се повеќе од потребни, но фактот дека се користи Ковидот за да се оправда нетраспарентноста, говори оти постои тенденција да се сокријат податоците. Чаушидис смета дека во овој момент, Владата прави голем чекор назад во однос на транспаретноста.

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер Пламенка Бојчева најави подобрување и допрецизирање на законот во следниот период, а во предвид, како што рече, ќе се земе и скалестиот рок.

– Ќе се работи на измени и дополнувања на законот, евентуално на подетално разјаснување на членови од законот, а има простор за размислување и за роковите. Многу важна е и проактивната транспаретност и прекршочните санкции во делот на одговорните лица кај имателите на информации, а не само прекршочна одговорност за службените лица, рече Бојчева.

Таа посочи дека медиумите на располагање го имаат и усното барање за кое рокот е пет дена, но, како што напомена, тоа малку се користи.

Според Теофил Блажевски, мора да се работи на зголемување на прекршочните санкции, бидејќи доколку тенденцијата за намалување на висината на казните се примени во оваа сфера, тогаш тоа ќе биде контрапродуктивно.

Забелешка на новинарите е и тоа што не постои транспаретност ниту во правосудството, ниту кај политичките партии, иако вториве се законски обврзани да даваат информации за финансирањето.

– Имаме 1257 иматели на информации, а со најновите измени влегоа и политичките партии кои засега се сива зона, особено за нас новинарите. Вчера се обидов на нивните интернет страници да побарам листа на информации од јавен карактер, меѓутоа таму не се објавени информациите, посочи Маја Јовановска.

Ситуацијата е лоша и во однос на обврската на државните институции да објавуваат 21 документ од јавен карактер. Истражување на БИРН покажува дека половина од министерствата ги немаат објавено овие документи, а има и случаи каде се објавуваат скенирани документи неправилно закачени.

Според минатогодишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, од вкупно 1257 иматели на информации од јавен карактер, 1047 доставиле годишен извештај, а 210 институции не ја исполниле оваа законска обврска. Поднесени се 755 жалби од кои 621 се од правни лица, а 134 од физички лица. Голем дел од жалбите односно 411 се против здравствени организации, 130 против државни институции, 97 против општини, а 43 против јавни претпријатија.

Треба да знаете
Последни објави