Search

„Скопје, одново” – Изложба за најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста

– Повеќе од сто дела од меѓународната колекција на Музејот на современа уметност (МСУ), со посебен фокус на американските уметници, се претставени на изложбата „Скопје, одново” која беше отворена вечерва. Резултат е на соработката помеѓу МСУ и  Амбасадата на САД во Скопје и подготвена од македонско-американски тим – од кураторките Кумјана Новакова  од МСУ и Ана Кац од Музејот на модерна уметност (МоМА)  во Њујорк.

„Скопје, одново” ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје по земјотресот.

Изложбата ја отвори американската амбасадорка Кејт Мари Брнс која истакна дека „Скопје, одново” ги симболизира длабоките врски помеѓу двете земји и дека уметничките дела нè потсетуваат на времето кога Американци со разни статуси, не само медицинскиот персонал за кризни ситуации, туку и војници, а и уметници, се собрале за да му помогнат на Скопје во еден од неговите најмрачни мигови.

-Земјотресот што го погоди Скопје беше една од првите природни катастрофи што беше широко покриена на телевизија. Изложбата „Скопје, одново” нè потсетува како ваквите трагедии, иако исполнети со тага и болка, може да нè сплотат и да нè потсетат на нашата заедничка хуманост, рече Брнс за изложбата која во МСУ ќе биде отворена до 18 февруари 2020.

Директорката на МСУ-Скопје Мира Гаќина соопшти дека на изложбата првпат се претставени некои дела од колекцијата и дека кураторките на проектот – Кумјана Новакова и Ана Кац со поставката даваат ново читање на познати, но и помалку познати дела.

-Овојпат преку изложување документи и друг архивски материјал дадена е и интегрирана информација за почетоците, за големиот ентузијазам во основачките години на музејот. Американската амбасада препозна вреден проект во „Скопје, одново” за што сме им многу благодарни, нивната помош беше голема и искрена и нѐ охрабрува да размислуваме за нејзино претставување и надвор од нашата држава, а работиме на тоа да ја претставиме и пред американската публика, рече Гаќина.

Ана Кац, која е куратор  во одделот за архитектура во МоМА во Њујорк, се заинтересирала за Скопје и за регионот откако соработувала и била дел од кураторскиот тим за изложбата „Бетонска утопија” (Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980) за архитектурата во поранешна Југославија која во МоМА во Њујорк беше отворена од јули минатата до јануари оваа година.

На изложбата „Скопје, одново” се претставени над сто дела, како  и архивата поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата, како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…

Со подароците од автори од цел свет, МСУ – Скопје основан во 1964 година, станал дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата ги потпишуваат водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении по земјотресот.

МСУ развивал и разновидна програма на изложби, меѓународни соработки и партнерства, а транснационалната соработка и ентузијазам биле преставени и во извештајот на Обединетите нации во 1966 година, насловен „Скопје воскреснува” (Skopje, Resurgent).

Треба да знаете
Последни објави