Search

Скопјанец три пати фатен како го крши полицискиот час

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против 22 лица кои не го почитувале полицискиот час, односно донесената Одлука за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.

Сите се обвинети дека го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. Еден од нив го прекршил полицискиот час во три наврати, па се товари дека сторил продолжено кривично дело согласно член 45 од Кривичниот законик.

За него е предложена парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 30 евра, додека за сите останати предложени се парични казни од 100 дневни глоби од по 20 евра во денарска противвредност.

Освен ова, Основното јавно обвинителство Скопје денеска достави и Предлог за издавање казнен налог за едно лице кое не ја почитувало мерката за строга изолација во објект – државен карантин. Тој исто така е обвинет за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Надлежен јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје за овој обвинет да определи парична казна од 100 дневни глоби при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.​

Треба да знаете
Последни објави