Search

Скопски бизнисмен крвнички претепал газда на менувачница во центарот на Скопје

Скопски бизнисмен крвнички претепал газда на менувачница во центарот на Скопје

Според исказите на очевидци, скопскиот бизнисмен С.Ч., го претепал Бранко Петровски вчера, околу 13 часот во најстрогиот центар на Скопје. С.Ч. е сопственик на хотелите „Александар Сквер“ и „Александар 2“ во центарот на Скопје, градежната фирма „Караорман“ и неколку други бизниси. Во најнепосредна близина на хотелот „Александар 2“  се наоѓа малата менувачница на Петровски и неговото кафуле „Гарсон“, повеќе години познато како омилено собиралиште на млади уметници, новинари и граѓански активисти.

Бизнисменот го извршил нападот врз Петровски во најнепосредна близина на хотелот „Александар 2“, изграден минатата година, откако претходно се му го попречил патот и побарал од него да ја симне рекламата за неговата менувачница што таму е поставена пред 19 години. Откако Петровски мирно побарал од него да му дозволи да продолжи по патот, С.Ч. го нападнал со тупаници, го кутнал на земја и продолжил силно да го удира во пределот на лицето. Последиците од овој напад се видливи, скршена вилица и тешка повреда на левото око на Петровски.

Во текот на минатата ноќ, Петровски не е хоспитализиран затоа што немало место ниту во Градската болница, ниту на државната клиника, иако тоа го побарало неговото семејство, бидејќи обилно му крварел носот и не можел да заспие од болки и од тоа што се гушел во сопствената крв.

Соседството е крајно вознемирено и потресено од овој тежок инцидент. Го знаат Петровски како мирен, тивок и добар сосед, кој неодамна извојувал успешна битка со ракот. Поради хемотерапијата и лекарствата што сѐ уште ги прима, тој физички бил немоќен да се одбрани од жестокиот напад. Непосредно по нападот, С.Ч. му рекол дека му е криво што не го убил.

Полицијата, според неофицијални информации, го привела С.Ч., иако тој се противел на приведувањето, затоа што се спремал да оди на свадба. Во овој момент, не е познато дали напаѓачот е во притвор или бил на свадба во текот на минатата ноќ.

Текстот и фотографијата се целосно превземени од civilmedia.mk

Треба да знаете
Последни објави