Search

Скандал: Репрезентативци на Камерун и на Гана платиле за да играат во Катар?!

Голем скандал е на повидок да исплива на површина во завршните две недели на СП во Катар. Според пишувањата на новинарот Роман Молиња, неколку фудбалери на африканските репрезентации учеснички на овој Мундијал платиле пари за да бидат ставени на списоците на патници на Светското првенство.

Наводно, станува збор за фудбалските репрезентации на Гана и Камерун. Дополнителен сомнеж на овие обвинувања дава и необјаснивото однесувањето на легендарниот селектор на Камерун, Ригоберт Сонг, кој на прес-конференцијата на која ги објави имињата на фудбалерите со кои ќе патува во Катар, делуваше како да не ги знае сите имиња кои се на неговата листа од 26 играчи.

Дел од оние кои отпатуваа со Камерун во Катар беа и неколку домашни играчи како Џером Нгом Мбекели (24) и Суаиба Мара (22), кои имаат одиграно само три натпревари во националниот тим.

„Одредени репрезентативци на Камерун и Гана платија за патување на Светското првенство. Некои од нив платија само за да бидат на список“, откри новинарот.

Овие негови тврдења направија хаос на социјалните мрежи, а љубителите на фудбалот во Африка „наддаваат“ со имиња на фудбалери кои, наводно, платиле за да бидат дел од Мундијалот во Катар.

За сега нема докази дека фудбалерите стигнале до Светското првенство на овој начин, но навивачите на Гана веруваат дека пронашле играч кој одговара на профилот.

Според нивното мислење, фудбалерот на Челзи, Баба Рахман, платил за да биде на големата сцена и да го привлече вниманието на клубот кој ќе го ангажира во наредниот период. Поради ова, од листата испадна многу квалитетниот ДЏефри Шлуп, стандарден играч на Кристал Палас.

Треба да знаете
Последни објави