Search

Си Џинпинг со новиот изглед ѝ пркоси на традицијата

Сребрените траги во косата на претседателот Кси Џинпинг, забележани на годишната национална законодавна седница која започна на 5 март, привлекоа внимание и предизвикаа шпекулации меѓу кинеските набљудувачи за тоа што би можело да значи оваа радикална промена.

Во официјалните портрети и во јавноста, водечките кинески лидери – кои обично се на возраст од 60 години или повеќе –  долго време носеа ѕифт црна коса.

Очигледната употреба на боја за коса е обичај што датира од времето на Мао Цедунг, основачот на комунистичката Кина. Сепак, овој тренд стана поизразен од 1990-тите.

Врховните лидери сакаат да бидат видени како „поголеми од животот … и сакаат да се види дека имаат беспрекорен изглед”, вели Вили Лам, професор на Кинескиот универзитет во Хонгконг и долгогодишен аналитичар на кинеската политика.

„Си Џинпинг сака да ја прекине оваа традиција за да изгледа повеќе како обичен граѓанин на Кина, човек од народот“, рече Лам.

Овој популистички имиџ беше внимателно негуван од кинескиот лидер откако дојде на власт кон крајот на 2012 година. Неговите иницијативи за намалување на сиромаштијата и масовната кампања против корупцијата, која досега вклучуваше повеќе од еден милион комунистички функционери, го направија многу популарен.

Сепак, уставниот амандман што минатата година му овозможи на Си да владее доживотно, како и сè пошироките пропагандни „напади”, кои го истакнуваат неговото водство, се покажаа контроверзни.

„Стратегијата да не се бојадисува косата може да биде обид да се намалат критиките дека тој гради култ на личноста во стилот на Мао Цедунг. Ова е некој вид стратегија на камуфлажа што го прави помалку аристократ, во кинеска смисла“ рече професорот Лам.

Треба да знаете
Последни објави