Search

Сијарто: Има двојни аршини за односите на европските земји со Русија

Им завидуваме на блиските односи што западноевропските земји ги негуваат со Русија, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во однос на критиките на сметка на Будимпешта поради соработката со Москва.

Во интервју за австриската агенција АПА, тој вели дека има двојни аршини во врска со тоа прашање.

Сијарто оцени дека Австрија има многу поблиски економски односи со Русија отколку Унгарија.

– Секако, тоа е прикриено. Повремено ќе се каже нешто критички, но сепак се прават огромни зделки, рече Сијарто.

Тој го потенцираше и значењето на инвестициите од Азија за неговата земја.

– Отворањето кон исток е апсолутен успех, рече Сијарто, посочувајќи дека минатата година Јужна Кореја станала главен инвеститор во Унгарија и со тоа ја надминала и Германија.

Според него, критиките на САД и западна Европа поради блиските економски контакти на Унгарија со Кина се „лицемерни”.

Унгарскиот министер за надворешни работи рече дека во Унгарија моментално има 16 значајни кинески инвестиции, од кои 12 се преземени од некогашни американски и западноевропски компании кои ги купиле Кинезите.

– Доколку западноевропските земји и САД не сакаат Кина економски да предничи, тогаш не треба да ги продаваат своите фирми, порача Сијарто.

Треба да знаете
Последни објави