Search

„Сите сити“ обезбеди 210,000 оброци за социјално загрозените граѓани

Повеќе од 460.000 граѓани во Македонија не може да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, а од друга страна илјадници тони на безбедна храна се фрла на депониите. За да се надмине овој проблем мрежата „Сите сити“ со поддршка на Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и Публицис изминатата година го воспоставија првиот систем за донирање на вишокот храна во Македонија.

„Станува збор за систем кој има за цел вишокот храна, кој сè уште е во добра состојба и безбеден за употреба, да не заврши во депониите туку да се пренамени онаму каде е реално неопходен. Ова е навистина комплексен систем, но свесни сме од колкаво значење е за иднината на сите нас, па оттаму „Сите сити“ покрај примарната цел храната да стигне до поединците и семејствата кои не можат да си дозволат повеќе оборци во текот на денот, исто така се грижи и сметаме дека е многу важно да ја подигнеме и свеста кај луѓето за важноста за правилно третирање на вишокот храна. За големината на општествената промена зборува фактот што изминатиот период повеќе од 210,000 оброци храна се донираа на повеќе од 3300 граѓани.“, изјави Блаже Јосифовски, Координатор на мрежата „Сите сити“.

Системот се состои од законски промени, мрежа за дистрибуција и транспорт, кампања за подигнување на свеста, подигнување на капацитетите на членките на системот и веб- платформа за размена на храната. Дистрибуцијата на храна е индиректна, односно храната од бизнисите преку 30 граѓански организации од 10 града, завршува кај социјално загрозени граѓани кои се корисници на нивните услуги. Системот пилотираше изминатата година на подрачјето на Скопје, со одделни акции во уште 9 града низ Македонија, а планот е од оваа година да се прошири низ цела Македонија.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека преку ваквиот систем се постигнуваат два ефекти, помалку отпад и храна во ѓубре, но и помалку гладни во земјава.

Пред две години само констатиравме состојба со гладот во државата и дека се фрла храна, а имаме гладни луѓе. Сега само по две години веќе има реализација на програма и тоа финансирана преку државните институции каде граѓанските организации се обединиваат и се обидуваат да постигнат максимум во задоволување на потребите од храна на граѓаните. Од друга страна, како што велат од мрежата, превенирале 68 илјади тони храна да не завршат во ѓубре. Тоа покажува дека можеби ова решение кое тие го спроведуваат понатаму ќе доведе до системско решение, а ние како Владаа во 2020 година ќе го разгледаме низ системски и законски решенија и ќе го воспоставиме во пракса, рече Царовска.

Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, ова е едно од оние решенија кое ни е пред очи, но, како што рече, треба само да ги видиме и храброст да ги предложиме и спроведеме. Со ова, вели, се прави разлика на животот на оние на кои храната им е најпотребна.

Главните извори од каде се собира вишокот на храна и се пренаменува се: производителите на храна, дистрибутерите, угостителските објекти, пекари и др. Најголемите компании кои се вклучија се: Виталија, Жито Леб, Витаминка, Јоми Фуд, Кола, Еуро Табак, Евромак, Грандекс и други.

На овој настан се доделуваа награди и признанија на поддржувачите и волонтерите на „Сите сити“

На крајот на конференцијата за печат се даде повик: „Се радуваме на сите нови бизниси со храна кои ни се приклучуваат во овој голем подвиг наречен „Сите сити“ и ги повикуваме сите бизниси да се вклучат во спасувањето и донирање на храна за социјално загрозени граѓани.“

Треба да знаете
Последни објави