Search

Сите бои на Шар Планина и летната привлечност на Попова Шапка

Ако во зимскиот период белата боја на снегот ја доловува убавината на Попова Шапка и Шар Планина, во лето сите останати бои се таму во разни облици и ја претставуваат привлечноста на овој центар и планина. Месеците јули и август е времето кога на падините околу Попова Шапка речиси сите посетители се во потрага по црвената боја на шумските јаготки или темносината на боровинките. Нив ги има насекаде и претставуваат главна занимација на посетителите без разлика дали се таму на еден или повеќе денови.

Сето шаренило на бои на Шара и нејзината убавина во лето може да се откријат движејќи се кон поддалечените предели, падини и врвови во близина на Попова Шапка скијачки и рекреативен центар кој и во зима и во лето е најзначајна логистичка точка за сите видови активности и доживувања на планинскиот масив.

-Попова Шапка претставува голем профил и потенцијал за планински туризам иако е наша локална дестинација. Во лето освен прошетка, веќе има организирани активности кои ги нудат повеќе оператори. Тоа се возење планински велосипеди, јавање коњи, дегустација на локални производи како што се овчо сирење, биено сирење, качамак, кисело млеко. Потоа од шумските плодови да се пробаат чаеви, ракија, слатко, мармалади и сокови. Во околината на Попова Шапка се овдешните бачила каде се произведуваат млекото и млечни производи од овци, а и самите посетители можат да пробааат и доживеат што значи пасење, молзење и складирање на млекото, вели Методи Чилиманов, наш водич низ Попова Шапка од „Шар Аутдорс”, фирма специјализирана за планинско и авантуристички туризам.

Заедно со неговите колеги група посетители на Попова Шапка, заминуваме со електрични планински велосипеди и запознавање на Шара поточно околината на зимско-рекреативниот центар. Од викенд населбата во правец кон месноста Јелак и позади Црн врв на 1890 метри надморска височина, дестинација е бачилото и биофарма „Први Мај”. Користиме специјално дизајнирани велосипеди за на планина кои имаат и батерија што дава енергија на моторот кој помага на преносот (педалите) на велосипедот.

Кај викенд населбата се поставени пет можности како дестинации за возење планински велосипед наречени Вргањ, Јелак, Бачило и Лешница. Кога се одминува викенд населбата започнуваа хоризонтите со огромен број  нијанси на летните бои на Шара. Веќе зад нас е Попова Шапка, па се забележуваат интензивната боја на темнозелените борови кај Пионерско брдо, црвените покриви на објектите и по некој бел облак.

Нијансите на зелената боја доминираат на пат кон месноста Јелак. Самото име ни кажува дека тука има голем број и разни видови на елки и борови, зимзелени дрвја и други растенија кои во овој период од годината ги доловуваат повеќето нијанси на зелено од шаренилото на Шара.

Се совладува земјениот пат користејќи повеќе од модалитетите на електричниот велосипед наречени „еко”-за минимално забрзување, потоа „трејл” за средно и „буст” за најсилната електрична помош на батеријата која го придвижува на најстрмните нагорнини. По речиси еден час се изминуваат околу 10-тина километри и 200 метри разлика во надморска височина.

И во бачилото и биофарма „Први Мај” е колоритно. Еден од објектите е изграден со забетонирани дрвени трупци, а шумската летна идила ја даваат дрвени клупи и маси со поглед кон илјадниците зелени елки и борови на Јелак. Денот е таков што ретки се белите облаци.

Домаќинот Насер и неговите соработници ни посакаа добредојде со нивните карактеристични и препознатливи производи, тамошно изработено овчо бело, младо и биено сирење, кисело млеко, изразито жолт качамак и домашно бело меко лепче со крцкава кора. -Имаме околу 2000 овци кои се напасуваат тука. Процесот трае од април до октомври, интензивна работа со пасење, молзење и изработка на сирењето и урдата. Биеното сирење е младото сирење на кое дополнително се става сол и се суши на сонце, раскажуваат Насер и Зоран од Крива Паланка, кој е бач или главен мајстор за изработка на сирење.

Запознавањето на летниот шмек на Шара продолжува со јавањето на коњи од биофармата. Насер објаснува дека при отседлувањето важно е добро да се намести седлото како превенција од паѓање. Образложува дека јажињата на задниот дел од седлото треба да се испреврзат околу опашот на коњот, па така при нагло запирање на животното, човекот нема да летне преку коњската глава. Вака зацврстеното јаже на задната страна не дава да се движи седлото, а во комбинација со правилно и силно држење на јажето во раце заврзано за оглавот, опасноста од паѓање од коњот е минимална.

– Коњите се дресирани за да ги јаваат луѓе, но колку и да е силно управувањето од страна на човек, кај нив силно преовладува инстиктот да се приближат онаму каде што има вода и храна, велат домаќините.

Движењето и јавањето коњи низ Шара уште еднаш ја покажува убавината и богатството на Шар Планина. По пат се среќаваме со десетиците видови бои кои ги има кај планински цвеќиња, како и веќе споменатите шумски плодови. Коњите кои по пат пасат или се напојуваат ни ги откриваат пределите каде за нив има здрава и сочна трева и друг вид бујна планинска вегетација како и чиста вода од извори и потоци.

Треба да знаете
Последни објави