Search

Сириската војска доаѓа на помош на Курдите

Сириската војска испраќа единици на северот на земјата за да одговори на турскиот напад врз курдските милиции кој трае веќе пет дена, објави денес државната новинска агенција Сана.

Агенцијата не објави детали за мобилизацијата на сириската војска која во минатото се распоредуваше во некои курдски региони за да се избегне турска офанзива.

„единиците на арапската војска се упатуваат кон север за да одговорат на турскиот напад врз сириската територија“, објави Сана на интернет страницата.

Еден неименуван курдски функционер извести за преговори меѓу полуавтономната курдска администрација и сириската влада.

„Се разгледуваат сите опции околу турската офанзива, владата од Дамаск мора да ги преземе своите одговорности и да одговори на нападот“, изјави функционерот.

Долго маргинализирани и жртви на дискриминацијата на централните власти во Дамаск, Курдите воведоа автономија на северот на земјата која Дамаск не ја признава и ги нарекува курдските борци предавници поради сојузот со Вашингтон во борбата против џихадистите.

Курдите минатата година почнаа да преговараат со сириската влада за иднината на нивните региони, но преговорите беа прекинати.

Треба да знаете
Последни објави