Search

СИРИЗА бара одговор од заменикот МНР за натписите во медиумите околу магистерските студии

Грчката опозициска партија СИРИЗА, повикувајќи се на натписи објавени во печатот на грчката дијаспора во САД, кои „презентираат податоци што ја доведуваат под сомнеж биографијата на заменик министерот за надворешни работи на Грција, Андонис Диаматарис”, бара тој да даде објаснувања во врска со неговите постдипломски студии, јави дописничката на МИА од Атина.

– Поконкретно, додека господинот Диаматарис на официјалниот сајт на МНР изјавува дека поседува магистерско звање од Универзитетот Колумбија, објавите во медиумите, повикувајќи се на податоци од самиот Универзитет, споменуваат дека господинот Диаматарис никогаш не завршил, туку едноставно се запишал на конкретната програма, соопштуваат од СИРИЗА.

Од грчката опозициска партија бараат заменикот МНР да даде објаснувања и да го објави магистерското звање, во спротивно, според СИРИЗА, Мицотакис, не само што треба да го смени, туку и да им се извини на граѓаните.

Заменик министерот за надворешни работи на Грција, Андонис Диаматарис, кој е надлежен за грчката дијаспора, е издавач на грчкиот весник во САД „Етникос кирикс”.

Треба да знаете
Последни објави