Search

Синот на убиената новинарка на Малта: Мајка ми го истражуваше и Ѓукановиќ

Синот на Дафне Каруанa Галиција рекол дека неговата мајка ја истражувала и врската на Мило Ѓукановиќ во случајот „Можура“.

Синот на новинарката, која пред три години беше убиена на Малта, Метју Каруана Галиција, рекол дека претседателот на Црна Гора бил клучна личност од оваа земја во истражувањето на неговата мајка додека таа пишувала за случајот „Можура“.

Тој во интервју за „Вијести“ навел дека неговата мајка ги испитувала врските меѓу Ѓукановиќ, премиерот на Малта Џозеф Мускат и владејачката елита во Азербејџан.

„Мајка ми истражувала што правеле официјални лица од Малта во Црна Гора. Особено активностите на Конрад Мици, Џозеф Мускат, Тицијано Масу, фирмата Виталс Глобал Хелкер и Рам Тумулури, како и фирмата СОЦАР во Црна Гора. Клучната личност која ја истражувала од Црна Гора бил Мило Ѓукановиќ како пандан на Мускат во таа земја“, рекол Галиција.

Објаснил дека Дафне го испитувала односот на Ѓукановиќ, Мускат и владејачката елита во Азербејџан, чија врска со официјални лица од Малта и претставници на Шангај електрик, компанија која ја контролира кинеската влада, како што рекол, веднаш предизвикало сомнеж.

Додал дека Универзал капитал банка е вмешана во сомнителни трансакции кои вклучувале луѓе, компании и банки од Црна Гора.

Според него, можноста сметката во Универзал капитал банка во Црна Гора да е користена како црн фонд за корупција во Европа, требало да го привлече вниманието на американското Министерство за финансии и Европската банкарска агенција.

Метју Галиција, кој, исто така, е новинар, по трагичниот настан го напуштил Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и сосема се посветил на истражување на убиството на неговата мајка.

Со неговите татко и брат ја основал фондацијата „Дафне Каруана Галиција фондација“ со која сакаат да постигнат подобрување на владеење на правото во Малта.

Треба да знаете
Последни објави