Search

Синдикатот на полицијата обвинува за притисоци на вработени да гласаат за одредена партија

Синдикатот на полицијата во Македонија упати апел до вработените во Министерството за внатрешни работи, да не потклекнуваат на притисоците кои преку непрофесионален начин и незаконито влијание се спроведуваат последниот период од страна на раководители, началници и командири, кои во пресрет на изборите вршат притисоци и закани кон вработените а со цел да влијаат на лични одлуки и службени постапки преку повикување и алудирање да се гласа за одредена политичка партија.

„ Како Синдикат најостро се спротиставуваме на непрофесионализмот и ставањето на раководителите во функција и потреба на политичките партии и оттука недозволиво е и неприфатливо да се повикуваат вработените во МВР од страна на раководители да гласаат за одредена политичка партија, како во случајот со раководител на една организациона единица во Сектор за внатрешни работи, а кој воедно е и претседател на Синдикална организација на Синдикат во рамките на МВР, кој наместо да ги спроведува законските прописи и воедно брани и ги заштитува работните права на вработените, заради лични и партиски интереси, истиот јавно ги повикува вработените преку социјална мрежа и наведува за која политичка партија да се гласа.

Оттука Бараме од највисокото раководство во МВР и од ОВККИПС веднаш да бидат преземени соодветни мерки согласно правилата и прописите на Министерството за ваквиот и сите понатамошни случаи против непрофесионализмот на работниците а особено поради партиско делување на раководители и работници во Министерството.

Ги охрабруваме вработените во МВР и секој граѓанин кога ќе се соочат со непрофесионален однос во Полицијата, веднаш да го пријават секое несоодветно и незаконито однесување особено во пресрет на изборите посебно во делот на спроведување притисоци и принуди за незаконски постапки а за цел попречување на личната слободна волја на определување согласно загарантираните Уставни и законски права.

Напоменуваме дека изборите во пресрет на „Парламентарните избори 2020“ мораат да бидат фер и демократски и во таа насока обврска на секој полициски службеник е да ги преземе сите неопходни мерки со кои ќе се гарантираат фер и безбедни избори. Воедно повикуваме јавно за секој обид за поткуп или за било какво противзаконито влијание врз гласачите да биде пријавено и веднаш да бидат преземени мерки за негово санкционирање“ велат од синдикатот.

Треба да знаете
Последни објави