Search

Силјановска сака да ѝ се оддолжи на Македонија, ќе добие ли шанса?

Сега не е време за нормален политички натпревар и како единствена рационална алтернатива се наметнува обединувањето зад личност, зад кандидат кој со сиот свој животен и академски хабитус, морал и интегритет, се издигнал над ситните меѓупартиски и меѓуетнички ривалитети. Таква надпартиска личност е Гордана Силјановска-Давкова, професорката на Правниот факултет во Скопје.

Ова го напишаа 30 професори, кои кон крајот на јануари упатија повик до јавноста да ја подржат кандидатурата на Силјановска за претседател на државата. Професорката одговори на апелот на колегите и поднесе кандидатура до ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што рече, без поддршка на силна политичка партија не е можно да се влезе во сериозна трка за шеф на државата.

Освен како борец против Преспанскиот договор со Грција, Силјановска е позната во јавноста и како жесток критичар на двојазичноста, односно употребата на Законот за јазиците.

Сепак, професорката Силјановска не е без искуство во политиката. Во 1991 година беше член на Уставната комисија на Собранието и дел од тимот што го напиша македонскиот Устав. Од 1992 до 1994 година беше министер без ресор во првата влада која како премиер ја водеше Бранко Црвенковски. Силјановска докторирала со почести во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија.

Во периодот од 2012 до 2016 беше и член на Венецијанската комисија за малцински прашања, експерт на ОН за избори од 1998 година до денес, експерт на ОБСЕ за родови прашања, основач е на Европското движење на Македонија, беше претседател на Граѓанското движење во периодот од 2004 до 2006 година, добитник е наградата за развој на владеење на правото на ОБСЕ, добитник е на медал за работа околу родовата еднаковсот на Сојузот на жени на Македонија, беше и претседател на женското лоби од 2002 до 2004 година. Професорката Силјановска, е една од ретките која во 90-тите години беше исклучена од Бордот на Соросовата фондација во Македонија.

Денес е редовен професор на правниот факултет во Скопје, во Институтот за правни и политички науки. Автор е на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.

Професорката по уставно право заедно со професорката Билјана Ванковска беше дел од Студетскиот пленум, во обид да ја одбранат автономијата на универзитетот кога се носеше спорниот Закон за високо образование. Позната е како жесток критичар на сите влади, а особено на Никола Груевски.

По вчерашниот избор за кандидат на претседател, Силјановска рече дека многу добила од Македонија и дека е време да ѝ врати за тоа.

Дали ќе добие можност тоа да го направи ќе покаже времето.

Во меѓувреме ќе треба да ги убеди приврзаниците на владејачката гарнитура дека не е „уште еден извршител на Мицкоски“, но и најтврдокорните „вмровци“ кои повикуваат на бојкот на изборите оти ВМРО почнало да губи компас и ја напушта идеологијата.

Треба да знаете
Последни објави