Search

Силјановска за 24 Инфо: Пред очите на целата јавност се кршат стандардите за фер и демократски избори

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Силјановска Давкова во интервју за 24 Инфо вели дека се кршат стандардите за фер и демократски избори, оти без реформи нема да добиеме датум за почеток на преговори како и дека повеќе од силен претседател на Македонија и треба силно и независно Собрание.

Како ја оценувате првата недела од кампањата, дали сте задоволни од сработеното, имате ли забелешки за начинот на кој се одвива кампањата на противкандидатите и дали сите го почитувате договореното за фер и демократска кампања, имајќи во предвид одредени лични дискредитации кои се јавуваа во периодот пред кампањата?

Кампањата тече главно според замисленото, со паралелни активности на терен, на медиумите, на социјалните мрежи, но и низ други облици на маркетинг. Само оние кои некогаш се вклучиле во слична политика активност знаат колку енергија и мотивација е потребно за да се постигне саканата цел. За среќа, имам исклучителен тим кој ми помага, ме брифира за најважните текови во земјата и во светот, но и за кампањата на противкандидатите и медиумското известување. Уште од почетокот реков дека јас нема да возрваќам на ниските удари и навреди, па и клевети, тоа не е моето ниво и нема да дозволам да ме симнат во „калта“. Ја разбирам донекаде потребата на противкандидатите (или треба да речам, едниот противкандидат) во кампањата да ми импутираат нешта, да ме претставуваат како кочничар, антизападен и реакционерен елемент, но она што како професор и правник никако не можам да го прифатам е начинот на кој пред очите на целата јавност се кршат стандардите за фер и демократски избори. Тука мислам првенствено на учеството на премиерот и министрите во кампања, па и со користење на државни ресурси. Освен тоа, недозволиво е премиер, претседател на владата на сите граѓани, да клевети дека, на пример, сум „задоена со криминал“, а и портпаролот на СДСМ секојдневно да излегува на пресконференции со кои води негативна кампања, правејќи од мене негативец и заштитник на криминалот. Би рекла дека е тоа дел од „политичкиот фолклор“, и одраз на ниската политичка култура, но ова ги преминува границите на пристојноста ама и на правните стандарди, па верувам дека меѓународните монитори ќе го забележат ова. Како што знаете, ОБСЕ веќе ја нотираше мизогинијата, ударот по мене како жена, ама и како мајка (со што се нанесе штета на угледот на моето семејство, но и наруши мирот на моите деца, кои не се учесници на политичката битка, за разлика од деца на други политичари кои рамо до рамо трчаа со нивните родители, а потоа беа наградувани за тоа).

Не можам, а да не забележам и дека медиумските атаци и тоа од некои врвни новинарски пера, и во традиционалните медиуми, ама и на социјалните мрежи, е под секое ниво: да импутираат нешта кои не сум ги рекла (на пример во однос на абортусот или говорот на омраза), да се повикува/посакува нечија смрт, или да ми се даваат медицински дијагнози (да се алудира дека ми е потребен систематски преглед), тоа е нешто што во нормална држава би било санкционирано, без оглед дали е кампања или е секојдневна политика активност. По принцип, фатете го крадецот, се лее говор на омраза и ad hominem напади кои немаат никаква врска со јавниот интерес (и обратното, тие се спротивни на јавниот интерес за фер и демократски изјави). Тоа не ме погодува лично, бидејќи во екот на борбата сум решена да издржам сѐ, но треба да нѐ погодува сите како политичка заедница. Ќе треба да продолжиме да живееме заедно и после изборите, и после секои други избори, а најголемо лицемерие е да зборувате за некакво помирување додека го демонизирате вашиот политички опонент и тоа на лична основа. Како професор и јавен интелектуалец уживав висок респект кај јавноста и сметам дека со ништо не сум дала основа да ме поврзуваат со криминал или нечесност.

Ситуацијата во врска со донесувањето на Законот за обвинителство не е поместена од почетокот на кампањата до сега. Власта е на став дека недонесувањето на Законот ќе влијае негативно врз добивањето на датумот за почеток на преговорите со ЕУ, опозицијата тврди дека датумот секако нема да го добиеме. Каков е вашиот став по тоа прашање, независно од Законот, дали Македонија во јуни ќе добие датум за преговори?

Уште пред да дојде на дневен ред прашањето за Законот за обвинителството јасно укажував дека на „Ориент експрес“ не се стасува до ЕУ. Поентата е дека со итроштини и неисполнување на ниту еден реформски зафат, освен распродажбата на националните интереси, името и промената на уставот, нема да добиеме датум за преговори. Значи, дури и тешкотиите во преговорите во Собранието околу решенијата содржани во Законот за обвинителство се користат како димна завеса или како „смоквин лист“ со кој власта сака да си го покрие срамот – т.е. фактот дека пред Брисел излегува „гола и боса“ во делот на реформите, а со подолга листа на забелешки во сите сфери на општественото кои се релевантни за давање евалуација за напредокот на земјата. Дека датум за преговори нема да добиеме не треба да соопштувам јас или некој друг кој е инволвиран во политичка трка; тоа јасно ни го порачаа и амбасадорите, и еврокомесарот Хан, и многу претставници на државите-членки (со дел од нив имав и лични средби во Брисел пред неколку недели). Македонија останува „специјален случај“, или „земја со посебен третман“, па се оди на некакви акробации, форми кои во претпристапните преговори инаку не постојат и не постоеле: „подготовки за подготовките за преговорите“ и слични небулози. Тоа е максимумот што Зоран Заев можеше да го издејствува и тоа благодарение на улогата што ја одигра за време на Преспанскиот процес. Но, ништо повеќе од тоа. Обвинителството е уставна категорија, и одамна укажував дека Законот за СЈО излегуваше од рамките на уставната поставеност, но тоа беше толерирано и оправдувано со „вонредните политички околности“. Сега, доволно е да погледнете не само што е досега остварено во смисла на барањата „нема правда, нема мир“ за да видите дека се тресеше гората, се роди глувче, настана травестија на правдата, се етаблираше селективна правда и сега сме уште подалеку од правна држава од порано. Неслучајно е ова закон за кој треба двотретинско мнозинство, што значи висок степен на усогласнеост на сите политички актери, но решенијата понудени од владејачката коалиција се далеку од праведни и на крајот пазарот се сведува на лични решенија и награди.

Според анкетата на „Детектор“, односно на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 27 март, мнозинството граѓани ќе гласаат на престојните претседателски избори (69,3 проценти) и според етничкиот пресек Македонците се помотивирани да излезат на гласање (76,4 проценти), додека кај Албанците ќе гласаат 52,6 проценти од испитаниците. Испитаниците очекуваат да биде исполнет цензусот од 40 проценти во вториот круг на изборите (47,9 проценти), додека во неговото исполнување не се сигурни 38,6 проценти од нив. Дали сметате дека се реални овие бројки и дали може да се случи да не се постигне цензус?

Морам да потсетам дека испитувањето е направено пред почетокот на кампањата, па затоа би почекала со донесување заклучоци. Имаше и некои други испитувања, кои укажуваат на тесна трка помеѓу мене и Пендаровски, но и во однос на тие сум резервирана. Познато е во науката и во применетата политика дека самите испитувања на јавното мислење знаат да бидат во функција на креирање на јавното мислење, а не толку за негово мерење. Јас го правам сето она што можам за да ги мотивирам и убедам граѓаните дека имам програма и дека јас сум најсоодветниот кандидат. Од друга страна, забележувам дека интересот, па и симпатиите на граѓаните спрема мене растат со секоја недолична и навредлива порака која ми се упатува, па понекогаш мислам дека спротивниот табор како да работи вредно на мојата победа. Но, рано е за заклучоци. Остануваат десетина дена до првиот круг гласање (за кој не е потребен цензус), а вториот дел од кампањата до 5 мај ќе има друга динамика и логика. Посакувам да бидам победник и во првиот круг, и тоа со видлива разлика во однос на второпласираниот (т.е. разлика поголема од статистичка грешка), што дополнително ќе помогне во „ферментирањето“ на јавниот став. Како ќе наближува 5 мај, така и неодлучните, па и оние кои на почеток сакале свесно да бојкотираат, ќе мораат да се соочат прво со себе и со својата граѓанска одговорност: дали сакам изборите да не успеат? Дали сакам да победи кандидат на кој не му верувам? Дали сакам целата власт да биде во рацете на оваа владејачка гарнитура? Повеќепати нагласував дека бојкотот (што е друго име за гневот) е позиција која ја разбирам, но не ја поддржувам – и тоа не заради моето учество, туку заради општото добро. Неуспехот на изборите ќе биде припишан на СДСМ, како партија којашто е на власт и со својот кандидат бара јавна потврда на донесените одлуки во однос на името, уставот, но и многу други суштински политики. Некој ќе рече: па, сигурно после тоа Заев ќе се одлучи на предвремени парламентарни избори! Мислам дека е тоа огромна грешка: тој политичар не знае за срам, не знае за политичка етика и морал, тој не сака да остане без власт! Да беше инаков, ќе си дадеше оставка уште вечерта на 30 септември, но тој тоа не го стори. Неучествувањето на изборите е давање „бланко чек“ за полнење кутии и манипулација со гласачките ливчиња. Најдобра контрола врз процесот на гласање е масовното учество на гласачите и будните очи на посматрачите. Конечно, сѐ погласни стануваат експертите кои се залагаат за промена на уставот и за избор на претседател во Собранието – што е доста сомнителен став, би рекла, особено ако се разгледаат аргументите кои се изнесуваат. Изборот на претседател во Собранието ќе биде само последниот клинец во ковчегот на демократијата, на чија сметка ќе завладее партитократија и олигархија. Владата ќе ги концентрира сите извршни овластувања, без да постои противтежа (особено бидејќи и Собранието се однесува поданички пред премиерот). Реков, јас не ветувам чуда, ама ветувам надеж дека функциите можат да се вршат инаку, чесно и одговорно, ама и проактивно – и ветувам дека големите национални прашања нема да оставам да бидат забошотени во име на наводно „повисоки интереси“. Тоа треба да е доволна мотивација за гласање. Сѐ друго би било знак на апатија и капитулација на демократскиот дух.

Полупретседателски систем, со уставотворно силни, но во реалноста слаби претседатели. Дали Македонија и Вие како евентуално нов претседател може да понуди некој друг систем во кој претседателот би бил посилна фигура?

Историјата на независна Македонија покажува дека и во ваков уставен и политички систем во кој има реликти на собраниски систем, но и дисбаланс во поделбата на власта, како и елементи на етничко споделување на власта, сепак, претседателите успевале да остават личен белег на функцијата. Некои подобар, други полош… Јас имам намера да бидам различна и да ја исполнам со вистинска суштина и живост оваа функција, без да го нарушувам парламентарниот облик, кој го сметам за најсоодветен. Нам не ни треба силен претседател, ни треба силно и независно Собрание. Но, во рамките на моите овластувања, верувам дека ќе можам да одиграм важна улога во важен историски момент. „Силата“ на претседателот треба да извира од неговиот личен и интелектуален интегритет и кредибилитет.

Иако засега изгледа стабилна состојбата, се чини дека е можна нова бегалска криза предизвикана од лажните вести за отворање на Балканска рута преку Македонија па поради напливот на мигрнти во кампот кај Солун грчката полиција мораше да интервенира. Претседателот Ѓорге Иванов поради мигрантската криза дојде во конфликт со дел од претставниците на меѓународната заедница. Дали Вие би прифатиле промена на сегашната состојба и евентуално би прифатиле изградба на бегалски кампови како што се шпекулираше пред и по доаѓањето на власт на СДСМ.

Претседателот Иванов, но и владата, навистина се соочија со многу предизвици за време на кризата од 2015 година. Во тоа, Македонија ја имаше и поддршката на дел од членките на ЕУ, особено тие од Вишеградската група. Тие се и сега заинтересирани и активни во поглед на успешното менаџирање на кризата, ама подалеку од нивните дворови. Ние сме на транзитната рута, и не се исклучени и нови бранови, но засега немаме сигурни индиции дека е можен нов масовен бран на бегалци и мигранти. Да потсетам, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска изјави дека мигрантските бранови се состојба на која мораме да се навикнеме. Но, за нас како мала и сиромашна држава, многу е важно мудро да балансираме помеѓу заштитата на сопствените национални интереси и барањата на хуманизмот и меѓународното право, притоа е важно да се прави разлика помеѓу бегалци и економски мигранти, но и да се води сметка за безбедносните аспекти во ера на војна против тероризмот. Во таа смисла, ниту една држава не може сама да се справува со вакви ситуации, но не смее ниту да биде колатерална жртва на помоќните сили. Мислам дека нашите безбедносни сили научија многу од искуствата од 2015 година. Засега се ова шпекулативни и хипотетички сценарија, но една сериозна држава мора да има стратегија и планови за сите можни сценарија. Една од работите со кои ќе се зафатам, во рамките на моите овластувања, ќе биде токму ова прашање. Но, морам да потсетам дека клучната одговорност ја носи владата, па притисокот за добри политики и решенија мора да се насочи таму. Јас ќе бидам само фактор кој ќе внимава на националните интереси.

 

Присутни сте повеќе или помалку во политиката со години. На јавноста веќе и се познати Вашите размислувања како би се однесувале ако станете претседател. Меѓутоа, дали со овие избори завршуваат Вашите политички амбиции ако не успеете да ја добиете довербата од граѓаните или можеби се гледате како лидер на партија и евентуално премиер?

Веќе објаснив дека мојот сегашен политички ангажман е само крик на професор и интелектуалец, кој во очајна ситуација оценил дека мора да излезе од комфорната зона на својот кабинет и на поинаков начин да се бори за правото и правдата за својата земја. Ако не успеам, ќе ѝ се вратам на мојата научна кариера, но барем ќе бидам чиста пред себе дека сум сторила сѐ што сум можела. Граѓаните се на потег, бидејќи без нивната поддршка и заедничката солидарност нема да може ништо да се постигне. Накусо, ова е мојот последен политички ангажман, но не и последен граѓански ангажман.

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Треба да знаете
Последни објави