Search

СЗО формира нов експертски тим за утврдување на потеклото на коронавирусот

Светската здравствена организација формираше нова експертска група за тестирање опасни патогени, која, како што проценува, е „последна шанса“ да се утврди потеклото на вирусот САРС-КоВ-2 и ја повика Кина да соработува.

Првиот случај на Kовид-19 кај човечката популација беше регистриран во кинескиот град Вухан во 2019 година, и Кина отсекогаш ги негираше обвинувањата дека вирусот потекнува од нејзините лаборатории и објави дека посетите на службениците на СЗО повеќе не се неопходни.

СЗО назначи 26 членови на Научно -советодавната група за потеклото на новите патогени, меѓу кои Марион Копманс, Теа Фишер, Јанг Јунгуи, кинески експерт кој учествуваше во заедничката истрага во Вухан, пренесува „Ројтерс“.

Покрај вирусот корона, тимот ќе го испита потеклото на други патогени со висок ризик.

„Разбирањето од каде доаѓаат новите патогени е клучно за спречување на идните епидемии“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Претходно, Тедрос и други претставници на СЗО рекоа дека „не може да се исклучи лабораториска несреќа“ како потенцијален извор на пандемијата.

Треба да знаете
Последни објави