Search

СЗО свика итен состанок поради ширење на нова смртоносна болест

Светската здравствена организација соопшти дека е свикан итен состанок поради ситуацијата во Екваторијална Гвинеја, која го потврди ширењето на смртоносниот вирус Марбург.

Тоа е многу заразна и смртоносна болест слична на еболата.

Екваторијална Гвинеја го потврди избувнувањето, откако најмалку девет лица починаа, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Малата централноафриканска земја стави во карантин повеќе од 200 луѓе и го ограничи движењето минатата недела во провинцијата Ки-Нтем по откривањето на непозната хеморагична треска, пренесува Ројтерс.

Соседниот Камерун, исто така, го ограничи движењето долж својата граница поради загриженоста за ширењето на инфекцијата.

Покрај деветте смртни случаи, 16 случаи на сомнителен Марбург вирус се пријавени во Екваторијална Гвинеја, кои вклучуваат симптоми на треска, замор, како и повраќање и крвава дијареа, соопшти СЗО.

Според организацијата, Марбург вирусната болест може да има стапка на смртност до 88 отсто, без одобрени за лекување вакцини или антивирусни третмани.

Локалните здравствени власти првично пријавија случај на непозната болест која предизвикува хеморагична треска, а примерокот беше испратен во лабораторија во Сенегал минатиот понеделник, кој беше позитивен на вирусот Марбург.

Соопштено е дека специјални тимови вршат трагање и следење на контакти, изолација и третман на сомнителни случаи,пренесе Телеграф.рс.

Треба да знаете
Последни објави