Search

СЗО повика да се внимава со руската вакцина – не ја поминала третата фаза од испитувањата

Светската здравствена организација (СЗО) ја повика Русија да ги следи меѓународните упатства за производство на вакцина за Ковид-19, откако земјата соопшти дека ќе започне со вакцинирање на населението против коронавирус во октомври.

„Понекогаш индивидуалните истражувачи тврдат дека пронашле нешто, што секако е извонредна вест“, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер пред новинарите, додавајќи: „Но, меѓу откритието или индицијата дека има вакцина која делува и вакција која ги поминала сите фази има голема разлика“.

Руската вакцина не е на списокот на СЗО од шест вакцини кои стигнале до третата фаза на клинички испитувања. Руските здравствени институции објавија дека се подготвуваат да започнат масовно вакцинирање против коронавирус во октомври.

Министерот за здравство Михаил Мурашко рече дека лекарите и професорите ќе бидат први кои ќе ја примат вакцината, а потоа постепено и остатокот од населението. Тој додаде дека клиничкото испитување на вакцината што се развива во Русија е завршено и дека се подготвува нејзино одобрување.

Досега, Русија не дала научни податоци за таа вакцина на независна проценка. Институтот за истражување Гамалеја за епидемиологија и микробиологија во Москва во мај објави дека развила вакцина, за која вели дека создава имунитет на коронавирусот без негативни несакани ефекти.

Треба да знаете
Последни објави