Search

Се финализира изградбата на џамијата во Атина

Во финална фаза се наоѓаат подготовките и изградбата на првата џамија во Атина, која се очекува наскоро да биде отворена, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако се најавуваше дека џамијата ќе биде пуштена во употреба пред Велигден, сепак отворањето, според грчките медиуми, ќе се случи или во текот на следниот месец или по локалните и евроизборите во Грција на 26 мај.

Според грчкиот информативен портал „Њуз247″, целта е последниот ден од Рамазан, на почетокот на јуни, да се одбележи во џамијата.

Четириесет и девет годишниот Мохамед Заки од Мароко, кој во Грција како економски мигрант пристигнал пред 25 години, е избран за имам. Говори арапски, грчки и француски и има завршено теолошки студии.

За официјално да почне со работа џамијата, според Генералниот секретар на Министерството за образование и религија, кое што е и надлежно, потребно е да биде издаден претседателски декрет, потпишан од шефот на државата Прокопис Павлопулос.

-Ние сме прва европска престолнина во која ќе работи државна џамија. Во другите европски земји џамиите се приватни и контролирани од оние кои ја финансираа нивната изградба. За да започне со работа, потребно е прво да се издаде претседателски декрет и да се одберат службеници, вели Генералниот секретар на Министерството за образование и религија, Јоргос Калаѕис за грчкиот весник „Прото тема” и додава дека џамијата е целосно изградена со државни пари и чинела околу еден милион евра.

Тој објаснува дека проповедите ќе бидат на грчки јазик, а молитвите, „како во сите џамии во светот на арапски јазик”.

Џамијата се гради во атинскиот кварт Вотаникос, ќе биде без минариња, свртена кон Мека и ќе собира 350 луѓе.

Проценките се дека во Атина живеат околу 250 илјади муслимани, а грчката престолнина веројатно е единствената европска метропола без џамија.

Сите оние од муслиманска вероисповед кои живеат во Атина, верските ритуали ги извршуваат во импровизирани џамии, односно различни прилагодени простории или за време на големите муслимански празници, молитвите се одржуваат на атинските плоштади.

Треба да знаете
Последни објави