Search

Се санираат состојбите во рудниците во РЕК Битола и се оспособуваат багерите за ископ на јаглен

Се санираат состојбите во рудниците во РЕК Битола по елементарната непогода и поплавите кои се случија на откопните полиња за јаглен предизвикани од обилните врнежи во изминатиот месец, а особено во последната недела.

Во рудниците денеска повторно беа генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.

Како што соопшти АД ЕСМ, исклучливо со сопствени средства и ресурси, неколку багери се вратени во функција, се испумпува водата и калта од откопните полиња, се вложуваат напори за брза набавка на неопходните дополнителни технички ресурси. Доколку е потребно, ќе пристигне и помош од соседна Србија, каде компанијата сродна на АД ЕСМ има искуство со неодамнешни поплави на производствените капацитети.

-Предизвиканите штети на системот за ископ и транспорт на јаглен нема да влијаат врз производната цена на електричната енергија, бидејќи сите ресурси се осигурани од страна на соодветно осигурително друштво и штетата за комбинатот и за компанијата ќе биде покриена, наведува компанијата.

Генералниот директор Ковачевски изрази благодарност за пожртвуваноста на сите вработени во РЕК Битола и во АД ЕСМ при санирањето на последиците од поплавите. Воедно, тој ги осуди нападите врз РЕК Битола и вработените од страна на ВМРО – ДПМНЕ, со оценка дека во моментов таквите партиски пресметки преку грбот на најголемиот државен производител на електрична енергија се несериозни и штетни за целата држава која во најголем дел се снабдува со струја од РЕК Битола.

-Вчера се состана Управниот одбор на АД ЕСМ заедно со стручниот колегиумот на РЕК Битола токму тука во комбинатот. Беа утврдени понатамошните чекори кои ќе се преземат и беа утврдени конкретните задачи по служби и по секој еден вработен. Мотивацијата меѓу вработените е голема, сите се на работните места, нема годишен одмор, нема викенд, сите се вратија на работа за да дадат свој придонес овој комбинат кој е гордост на сите нив повторно да се врати во нормално функционирање и да го надмине овој голем и огромен предизвик за сите нас. Тоа што не помага и што создава чувство на разочараност кај вработените се политичките пресметки што се прават преку нивниот грб од страна на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, истакна директорот.

Зачуденоста на вработените, додаде, е уште поголема зашто Мицкоски бил и директор во еден период.

-Сега од него дочекаа да слушнат дека не треба да им се дава и вода за пиење по рудниците. Го повикувам Мицкоски да дојде тука, ќе го однесам во рудникот ако нема отидено, за да види што е рудник, што се рудари и што е елементарна непогода во јагленови откопни полиња, изјави Ковачевски.

Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски информираше дека во изминатиот период во рудниците се правеле и дополнителни брани и канали за да се заштитат пониските места за ископ и на тој начин е спречено да дојде и до полоша ситуација од моменталната. Ќурчиевски изјави дека со натчовечки напори на вработените во комбинатот, во функција полека се враќа дел од механизацијата за ископ.

-Во функција веќе е вратен еден од багерите, 323, а очекуваме до утре во функција да се врати и багерот 630/1 со претоварниот уред, и со тоа да го обезбедиме континуираното снабдување со јаглен на термоелектраната и да го одржуваме нивото на депонијата на моменталната состојба, односно околу 80.000 тони јаглен, што е вообичаена количина за летниот период. Сите сили во наредниот период ќе бидат насочени кон оспособување и најголемиот багер, КУ 300, рече Ќурчиевски.

Треба да знаете
Последни објави