Search

Се реконструира канализациската мрежа во кочанското село Тркање

–Градежна механизација и работници на комуналното претпријатие „Водовод” од Кочани ги почнаа активностите за реконструкција на фекалната канализациска мрежа во селото Тркање.

Главна цел на проектот поставување нова инсталација на главниот цевковод во централниот дел на населбата во која живеат околу илјада жители. Во оваа фаза градежните работи се изведуваат од мостот кај училишната зграда по десната страна од течението на Трканска Река, во должина од околу 400 метри.

Новата канализациска мрежа ќе прифати поголем дел од фекалната вода од домаќинствата и ќе го спречи нивното излевање во речното корито.

–Со овој проект решаваме повеќедецениски проблем во селото Тркање, што ги засега сите жители од ова населено место. Неговото надминување ќе овозможи да размислуваме за натамошно уредување на коритото на Трканска Река, парковско озеленување на одредени површини, поставување урбана опрема и подобрување на јавното осветлување покрај реката, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според најавите од оперативните служби на КЈП „Водовод” реконструкцијата на канализацијата во Тркање се очекува да заврши до средината на декември, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Кочани.

Треба да знаете
Последни објави