Search

Се најавува прв регионален оддел за фетална медицина

 Да се отвори и опреми оддел за фетална медицина, да се спроведе континуиран тренинг на доктори специјалисти, да се обезбедат едукативни материјали и услови за воспоставување телеконференциска врска меѓу клиниката и врвни експерти, супспецијалисти за фетална медицина од Европа и светот. Овие активности вчера ги договорија претставници на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство од земјава, на Министерството за надворешни работи на Република Грција, Министерството за здравство на Република Северна Македонија и светската Фондација за фетална медицина, предводена од еминентниот професор Кипрос Николаидес, се наведува во денешното соопштение на Македонската асоцијација за фетална медицина.

-На средбата, во организација на Македонската асоцијација за фетална медицина, се потпиша и Меморандум за соработка, кој на Клиниката за гинекологија и акушерство го врачи амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду. Со овој меморандум се предвидува континуирана соработка согласно „Fetal Medicine Programme for the period 2022-2025“, каде се опфатени сите иницијативи, се појаснува во соопштението.

Според професор Ана Данева Маркова, претседател на Македонската асоцијација за фетална медицина, „со чија помош се отпочна и ќе се координира оваа активност, овие активности ќе им помогнат на докторите – специјалисти да воспостават континуирана соработка со врвни експерти од Фондацијата за фетална медицина во Лондон – светски референтен центар основан од професор Кипрос Николаидес“.

-На овој начин, тие ќе бидат во тек со најновите медицински достигнувања, кои ќе ги применуваат во работата со нашите пациенти, појаснува таа во писмената изјава.

Во соопштението се додава дека тренингот на докторите ќе им овозможи дополнителни знаења за интервенциите кои се дел од феталната медицина, односно ќе им овозможи повисоко ниво на антенатална дијагностика.

Треба да знаете
Последни објави