Search

Се намалува бројот на македонските државјани кои се враќаат од ЕУ со договорот за реадмисија

– Се намалува бројот на македонските државјани кои се вратени од земјите од Европската Унија согласно договорот за реадмисија. Според податоците од МВР во 2019 година во земјата биле вратени 1.300 лица, додека во 2016 – 3.500, а во 2015 година – 9.000. Најголем број од овие лица се Роми.

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот денеска одржа јавна расправа за проблемите на повратниците од земјите на ЕУ согласно реадмисионите договори.

– Донесовме конретни заклучоци за зајакнување на политиките на државата кои се однесуваат на граѓаните кои присилно или доброволно се враќаат од земјите од ЕУ. Тие се соочуваат со конкретни проблеми во делот на образованието, здравството, социјалната заштита, вработувањето. Владата има програма од 2010 година за ова прашање, но не е спроведена. Ние бараме Владата да спроведе конкретни мерки, изјави претседателот на Постојаната анкетна комисија, пратеникот Фадил Зендели.

Снежана Трајановска претставник на МВР истакна дека во последните години се намалува бројот на македонски државјани вратени во земјата согласно договорот за реадмисија со ЕУ, но исто така посочи дека оваа бројка можеби не е реална бидејќи некои лица се враќаат сами односно поединечно и ги минуваат граничните формалности како и другите патници. Претежно, како што кажа таа, станува збор за Роми кои по подолг или пократок период се враќаат во земјата.

Последниот состанок на претставници на нашата земја во однос на ова прашање во Брисел бил во септември 2019 година. Досега имаме потпишано 25 спогодби за реадмисија, вклучувајќи ја и ЕУ, а во тек е постапка за договори за реадмисија со уште пет земји.

Министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите Музафер Бајрам и Малинка Ристевска – Јорданова од Институтот за европска политика истакнаа дека, без разлика по колкав период овие лица се враќаат во земјата, потребно е веднаш или брзо да им се дадат правата што ги изгубиле кога заминале, за тие да можат поскоро да се интегрираат во системот.

Ристевска – Јорданова рече дека е потребно тие веднаш да имаат пристап до социјалната заштита, здравствените услуги, образованието, да имаат олеснувања за вработувања односно пријавување во Агенцијата за вработување.

-Некогаш децата губат години поради непризнаени документи за стекнато образование, кажа таа.

Овие лица, додава Ристевска – Јорданова, по враќањето се соочуваат и со дискриминација, но не само по етничка основа туку и партиска.

Препорака нивна е да има специјални тимови за помош на овие лица. – Институциите се посветени на својата работа, но отсуствува системски пристап, истакна таа.

Треба да знаете
Последни објави