Search

Се намалуваат популациите на полската врана, црновратиот нуркач и потполошката

Европската црвена листа на птици за 2021 што ја објави денеска BirdLife International, покажува дека во земјава се намалуваат популациите на полската врана, црновратиот нуркач и потполошката, а популацијата на рибарчето се стабилизира.

Црвената листа го анализира ризикот од исчезнување на 544 видови птици во преку 50 земји од Европа. Воедно ги следи категориите и критериумите на црвените листи на Меѓународната унија за зачувување на природата и сите птици имаат пресметан ризик од исчезнување меѓу „најмалку засегната” до „исчезната”.

И Северна Македонија учествуваше во изработувањето на оваа листа преку експертскиот ангажман на Македонското еколошко друштво (МЕД). Теренските истражувања беа направени од домашни и странски орнитолози и волонтери на МЕД. Објавата на оваа листа е темпирана да се совпадне со неделата во која Конвенцијата на биолошка разновидност на ОН го дискутира новиот план за соочување со кризата на дивите животни во светот.

-Птиците се едни од најчувствителните животни и затоа се идеалните индикатори за разбирање на промените во животната средина. Кога птиците се загрозени, тоа значи дека и ние сме загрозени, потенцира МЕД.

Најзначајните наоди од Црвената листа велат дека во Европа се загрозени 71 вид птици (13 отсто), пет видови птици се регионално исчезнати, еден од секои пет видови птици е загрозен или скоро загрозен од исчезнување, еден од секои три видови птици има намалена бројност, а морските, шумските, крајбрежните и грабливите птици се најзагрозени и нивните популации најбрзо опаѓаат во Европа.

Според Листата, најзагрозени хабитати се обработливите и морските површини, како и мочуриштата и ливадите.

-Наодите од Црвената книга ни укажуваат и на тоа дека најголемите закани за птиците во Европа се: пренамена и деградација на голем дел од земјиштето, инвазивни земјоделски практики, прекумерно искористување на морски ресурси, загадување на копнени води, неодржливи шумарски практики и неодржливо развивање на инфраструктурата, нагласува МЕД,

Иако наодите на новата Европска црвена листа се загрижувачки, има и добри вести кои покажуваат дека соодветно насочени активности за зачувување на птици може да ги вратат популациите на одредени видови, но и дека добро развиени интервентни земјоделски практики можат да спречат исчезнување на птици од обработливите површини.

-Резултатите од овие истражувања покажуваат дека неуспешно управуваме со нашата земја и вода. Европа треба да го води светот кон зачувување и обновување на природата, но за да се случи тоа  мораме да ја трансформираме нашата економија. Оваа трансформација мора да почне веднаш, во Декадата на еколошката обнова, како што ја нарекоа Обединетите нации, изјави регионалниот директор на BirdLife за Европа, Мартин Харпер.

Треба да знаете
Последни објави