Search

Се заоструваат односите меѓу Москва и Атина по изгласувањето на уставните измени во Македонија

По изгласувањето на уставните измени во македонското Собрание за промена на името Москва и Атина си разменија остри пораки. Официјална Москва и натаму останува на својот став дека одлуката за промена на името на Македонија е наметната од надвор, на што Атина одговара дека таквиот став не придонесува за пријателски односи меѓу Русија и Грција.

Руското Министерство за надворешни работи ја оценува одлуката на Собранието на Република Македонија да го смени името на државата како одлука наметната однадвор, и смета дека таквата одлука не ја одразува волјата на народот. Исто така, заклучува дека ова прашање треба да се разгледува од страна на Советот за безбедност на Обединетите Нации, пренесуваат тамошните медиуми.

„Она што го гледаме е продолжување на процесот на вештачка промена на името на државата која е наметната од надвор, со цел Скопје да се воволече во НАТО што е можно поскоро”, се вели во соопштението на министерството, пренедува ТАСС.

Министерството потсетува дека на 11 јануари македонскиот Парламент ги изгласа уставните измени за промена на името на земјата во согласност со Преспанскиот договор. „Ова е кршење на македонското законодавство. Ставот на претседателот на Република Македонија и мислењето на мнозинството од населението се прекршува, тие го отфрлија Договорот од Преспа“, посочува руското министерството.

Во соопштението, исто така, се подвлекува во Скопје продолжуваат и собирите на граѓаните кои се против, што како што е наведено, тоа е индикатор за длабоката поларизација на општеството.

За опасностите од ситуација која може да ја поткопа стабилноста и безбедноста на Балканот сведочат и, како што се вели во соопштението, последните случувања во Грција – повлекување од лидерот на партијата на Независни Грци, Панос Каменос, од владината коалиција, како резултат на Договорот од Преспа, како и фактот дека грчката Владата се соочува со гласање за доверба.

Руското Министерство нагласува дека Договорот од Преспа во Атина е протуркан заобиколувајќи го мислењето на грчките граѓани, без можен референдум за ова прашање.

На ваквото соопштение од страна на руското Министерство за надворешни работи реагираше Атина.

Во соопштението на руското МНР за одлуката на македонскиот Парламент за промена на името на земјата не се земени предвид координираните и ефективните демократски функции на институциите во Грција, објави грчкото Министерство за надворешни работи.

„Грчкиот устав има експлицитни закони со кои се регулира секој можен настан од внатрешниот политички поредок и кои не се предмет на коментари од трети лица”, се вели во реакцијата на грчкото министерство, објави АНА-МПА.

Како што оценува Атина, соопштението на руското министерство не придонесува за историски и пријателски односи меѓу Русија и Грција и нивните народи.

Треба да знаете
Последни објави