Search

Се гради нов канализациски систем во скопско Кадино

Во Општина Илинден се гради канализациски систем за прифаќање и третман на отпадни води во населено место Кадино во должина од 4.982 метри, со препумпни уреди. Активноста е во рамки на реализацијата на капиталниот проект Изградба на фекална канализација и пречистителни станици, во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Вкупната инвестиција за реализација на овој проект, како што информираат, изнесува 23 милиони денари, од кои 14,5 милиони денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, а преостанатиот дел од буџетот на општина Илинден.

Со канализацискиот систем ќе бидат опфатени 330 домаќинства од ова населено место, како и други јавни објекти со што значително ќе се подобри животната средина и квалитетот на живот.

– Изградбата на овој систем што се наоѓа во најнискиот дел од Кадино каде што нема фекална канализација треба да биде завршен до крајот на оваа година. Заедно со веќе постоечкиот канализациски систем припадна површина 4, сега со фекална канализација ќе бидат опфатени над 660 домаќинства или, 80 отсто од вкупното население од ова населено место, се вели во соопштението од Општина Илинден.

По завршувањето на изградбата на канализацискиот систем, како што најави градоначалникот Жика Стојановски кој на самото место се запозна со текот на градежните работите, локалната самоуправа планира да работи на подобрување на патната инфраструктура, токму на овие улици каде што минува канализацискиот систем.

– Во рамки на реализацијата на проектот Изградба на фекална канализација и пречистителни станици досега се изградени четири сегменти од фекалната канализација, со пет пречистителни станици на пет локации, во четири населени места, и канализациска мрежа во должина од 21.000 метри. На канализацискиот систем кој опфаќа 1.500 домаќинства, досега се приклучени 1.243 домаќинства, информираат од Општина Илинден.

Приоритет во изградбата на сегментите, како што посочуваат, имаат места, области и локации кои подлежат на високо ниво на подземните води. Главна цел е да се прочистат отпадните фекални води од домаќинствата и стопанските објекти и потоа да се пуштат во одводниот реципиент.

Треба да знаете
Последни објави