Search

Сефте за Вардар во ЛШ, убедлива победа против Мешков

Вардар ја забележа првата победа во новата сезона од Лигата на Шампионите триумфирајќи на домашен терен над Мешков Брест со резултат 35-27. „Црвено-црните“ одиграа импресивно прво полувреме во кое стигнаа до одлична предност, што потоа знаеја како да ја задржат во вторите 30 минути. Извонредна партија прикажа Кевин Њокас, кој се докажува како повеќе од добра замена за Едуардо Гурбиндо.

Десниот бек Моралес беше главно оружје на почетокот постигнувајќи три гола за рано водство. Беспрекорно функционираше одбраната, па Вардар набрзина поведе со 6-2. Гостинскиот тренер побара тајмаут при 7-3, набрзина намали на 7-5, но тоа беше се што белорускиот состав успеа да стори на оваа средба. Вардар одигра супериорно во завршните десетина минути од првото полувреме, кога по исклучувањето на Врањеш „црвено-црните“ постигнаа два гола во празна мрежа (Гаџа и Дибиров), за водство од најубедливи 15-10.

Гостите ги загубија нервите, продолжија со грешките, а особено бесен беше Шумак, кој доби и ново исклучување поради протестите по еден досуден пенал за „вардарци“. Избраниците на Вујовиќ го искористија тоа за на одмор да заминат со убедливи 19-13, на огромно задоволство на навивачите кои по подолго време можеа да проследат во живо меч од Лигата на Шампионите во СЦ „Јане Сандански“.

Кевин Њокас беше главна фигура на овој меч со осум гола од исто толку обиди, по пет погодоци постигнаа Моралес и Дибиров, а четири пати прецизен беше Гаџа, Томовски, пак, имаше 11 одбрани.

Македонскиот првак во наредното коло на домашен терен ќе го пречека европскиот вицешампион Алборг, меч закажан за 29 септември.

Треба да знаете
Последни објави