Search

Сеуште трае субвенционирањето за набавка на инвертер клима уреди

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек субвенционирањето за набавка на инвертер клими и дека може да надоместат дел од трошоците направени при набавка на инвертерите. На јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување – инвертер клима уреди за 2019 година, што Градот Скопје го објави во март годинава, досега се пријавиле 840 граѓани.

Со овој повик се опфаќаат сите инвертер клима уреди кои се купени од 1 јануари 2019 година. Висината на субвенцијата е  во износ од 50% од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе се реализира согласно со принципот „прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 30 ноември 2019 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена.

Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Скопје, од општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај кои имаат купено инвертер клима уред за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) во период од 01.01.2019 година до 30.11.2019 година и ќе поднесат барање за надоместување дел од трошоците.

На повикот немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градското централно греење  без оглед на тоа дали го користат, кои имаат можност за приклучување на системот за централно греење, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во него.

Барателот треба да го достави барањето и документацијата во прилог во затворен коверт до „Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните за набавка на посовремен уред за затоплување за 2019 година“ во архивата на Град Скопје, на адресата булевар Илинден број 82, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

Градот  Скопје го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертери како една од мерките против загадувањето на воздухот. Целосниот јавен повик со условите и критериумите за аплицирање граѓаните можат да го видат на следната интернет врска

www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен%20повик%20за%20инвертори.pdf

 

Во тек се и јавните повици за субвенционирање на граѓаните за набавка на печки на пелети и за велосипеди.

 

Треба да знаете
Последни објави