Search

Семејство на грчки државјанин: Со фалсификувани записници и лекарски извештаи сакаат да не обвинат за сообраќајна несреќа

Семејството на грчкиот државјанин Ставрос Г., кој на почетокот на јануари со својот автомобил удри во камион кој истурал сол на автопатот Миравци-Демир Капија, смета дека тој е неправедно обвинет за кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот, како и дека надлежните сакаат по кратка постапка да го осудат за да ги прикријат грешките направени во целата постапка.

Ова за 24 Инфо.мк го вели сопругата на Ставрос, Ана. Таа обвинува дека станува збор за неколку сериозни пропусти во истрагата за кои смета дека се недозволиви, а кои одат на штета на нејзиниот сопруг. Семејството обвинува дека некој го фалисфикувал полицискиот записник, поради што за случајот е известена Внатрешната контрола на МВР.

Во полицискиот записник за несреќата не постои вториот камион, во фотоалбумот не се снимени возилата. Постојат два медицински извештаи за состојбата на моите две деца, кои не беа повредени во незгодата, кој судот не го признава, туку користи друг, накнадно земен по налог на полицијата. На другиот извештај се потпишани лекари, кои воопшто не беа дежурни кога бевме во болницата во Кавадарци, вели Ана.

Таа додава дека во полицискиот записник што им бил даден на увид веднаш по несреќа, имало реченица дека нејзиниот сопруг дал изјава.

 Тоа не е точно бидејќи на мојот сопруг не му е земена изјава, тој не зборува македонски, а таму никој не зборувал англиски, па не можеле да му земат изјава. Тој записник беше потпишан од командирот на ПС Неготино, вели Ана.

Тие во четртокот ги подигнале документите од Судот: полициски записник, скицата, фотодокументација, тахографските ленти. Но, откако ги разгледале документите останале шокирани бидејќи тоа не било истиот записник направен веднаш по сообраќајката.

Во овој записник што го земавме во четвртокот ја нема реченицата, односно изјавата што наводно ја дал маж ми и што стоеше во првиот записник. Исто така, овој записник не е потпишан од командирот на ПС Неготино, како што беше случајот со првиот записник, туку од извесен, виш инспектор Дејан Насев. Откако сфативме дека записникот е сменет, се вративме во судот да кажеме дека предметот ќе го дадеме на вештачење, а паралелно дадовме и приговор за записникот. Во петокот бевме во Секторот за внатрешна контрола при МВР каде што пријавивме за промената во записникот, вели Ана.

Таа додава дека во меѓувреме им се јавиле и од Грчката амбасада да ги информираат дека добиле нота од МНР за сообраќајната несреќа и дека во сообраќајката биле повредени две деца.

Ова му дава дава друга димензија на случајот. Постојат два медицински извештаи за состојбата на моите две деца, кои не беа повредени во несреќата, вели Ана.

Според неа, тоа е направено за да сообраќајата изгледа посериозна, а нејзиниот сопруг биде кривично гонет, а не камионџите, односно од старт се инсистирало тој да ја признае вината и да биде осуден без да се истера истрагата до крај.

Според семејството, на видео снимките од Јавното претпријатие за државни патишта јасно се гледа дека пред да се случи несреќата двата камиони го блокирале патот, така што биле навлезени во двете ленти, а поради тоа што го чистеле снегот се движеле со минимална брзина и го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот. На влезот од тунелот немало ниту предупредување дека на излезот се чисти снегот.

Пред да излеземе од тунелот поради кривината видлива беше само десната страна, каде се гледаше едниот камион како лази на средината од патот. Буквално немавме што друго да правиме туку да преминеме на спротивната лента на која не ни можевме да го видиме другиот камион, а кога го забележавме беше доцна оти стануваше збор за растојание од 80 метри, па само ја намаливме брзината и буквално се залепивме во банкината по која клизевме за да го амортизираме ударот во камионот. Удрувме во вилјушката, односно лопатата на камионот, кој го распарчи предниот дел на џипот, вели Ана.

Семејството на вештачење ги дале и снимките од тахографските ленти земени од камионите. Но и овде надлежните се обиделе да ги прикријат грешките.

Од вештиот наод што го добивме пред некој ден е утврдено дека камионите возеле со 40 километри на час, и дека сообраќајката се случила на десетиот километар од нивната рута, а не дека се движеа со само неколку километри на час. Од ова претпоставуваме дека тахографските ленти или се земени од други камиони или не биле во исправна состојба, вели Ана.

Според наодите од вештачењето, автомобилот во тунелот возел со брзина 67 километри на час, а брзината со која автомобилот се движел на излезот од туенлот била 54 километери на час.

Од првичното вештачење на извештајот на МВР вештакот што го ангажирале увидел дузина нелогичности од кои е јасно дека брзината на автомобилот воопшто не е причина за сообраќајката, а тоа го докажувале и снимките од надзорните камери.

Од почетокот се инсистираше да се се осуди мојот сопруг по брза постапка, најверојатно бидејќи е странец, но кога видоа дека не сакаме туку така да признаеме вина, ни рекоа дека затоврската казна може да ја замени со исплата на глоби. Ние инсистиравме да се одржи судење според правилата, но тогаш ни се заканија дека нема проблем ама дека Ставрос ќе мора да оди во затвор. Ние се спротиставивме, па целата процедура која ја закажаа за наредниот ден беше непрофесионална, набрзина. Не го викнаа вториот возач на камион да сведочи, неговиот колега го бараше телефоснки, не го повикаа ниту докторот што ги прегледуваше моите деца, туку мене ми рекоа да го викнам. Не му обезбедија ниту судски преведувач на сопругот, што го обезбедија по моја сугестија, а кога тој дојде не беше запазена процедурата, па практично целата расправа се одвиваше без судијката да му даде можност на преведувачот да му каже на Ставрос за што станува збор, вели Ана.

Пасошот на нејзиниот сопруг е одземен и одредена му е времена мерка еднаш неделно да се јавува во судот.

Тој е грчки државјани и работи во Грција, а со ова што сакаат да ни наместат за да си ги прикријат грешките, мојот сопруг може да ја изгуби работата. Инсистираме судот да ги земе во обзир и снимките од надзорните камери, револтирана е Ана.

Наредното рочиште за случајот е закажано на 24 јануари, на кое изјава треба да даде докторот.

Според официјалната информација на СВР Велес, на 3 јануари на автопатот Миравци – Демир Капија грчко „бмв” удрило во товарното возило кое растурало сол.

– На 3 јануари во 20 часот на автопат Миравци- Демир Капија, после тунел Т2, на место викано „Јаворица“ случена е сообраќајна несреќа во која патнички автомобил марка „бмв икс3“ со грчка национална ознака управуван од С.Г.(45) од Атина, удрил во заштитната еластична ограда, а потоа во камион „ман“ со кавадаречки регистарски ознаки управуван од А.Т.(39) од Демир Капија. Во незгодата се повредени две деца на пет и тригодишна возраст, сопатници во патничкиот автомобилот, кои се пренесени во ЈЗУ Општа болница Кавадарци каде по укажаната помош се пуштени на домашно лекување, информираа од СВР Велес.

Даниела Вељановска

Треба да знаете
Последни објави