Search

Секој што се огрешил и за кого има докази треба да одговара пред правдата

Секој што се огрешил во државата и за кој постојат докази треба да одговара, рече премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција. Ги охрабри носителите на функции во правосудните институции да одлучуваат строго по закон и Устав бидејќи не должат никому ништо туку единствено само на граѓаните.

-Оваа власт покажа дека владеењето на правото и независноста на правосудниот систем е приоритет и секој што се огрешил и има индиции е исправен пред системот на правдата. Многу случаи во минатото биле заташкувани, биле изменаџирани од извршната власт, од моќниците во државата за никој да не биде исправен пред можната одговорност преку правосудниот систем. Денеска покажуваме дека никој не е заштитен и дека секој ќе одговара ако се огрешил и кон секој ќе бидат отворени истраги ако постојат индиции за тоа. Тоа е голема разлика и затоа сум горд и зборувам дека вака правната држава не била никогаш присутна како што е сега, рече Заев.

Дали јавноста се смее или не ќе покажат правните процеси, посочи премиерот одговарајќи на новинарско прашање и забелешката дека граѓаните се смеат на неговите изјави дека правосудниот систем функционира, а имаме обвинител кому му е одземен телефонот.

-Имаме таму веќе осомничени лица, во истрага каде што судот определил притвор со одредени аргументации што ги даде обвинителството. Постојат индиции кои покажуваат дека предрасуди не постојат за никого, законот важи за сите и тоа е сериозна придобивка. Дали некој бил близок до власта или власта го поддржувала или како носител на функција…, тоа може да заврши во истиот момент ако си се огрешил пред законот, рече премиерот.

Според него, правосудниот систем конечно функционира и навистина имаме правна држава на показ на јавноста.

-Законот демонстративно се покажува дека важи еднакво за сите и секако тоа се институции кои заслужуваат да добијат поддршка да бидат унапредени, финансиски зајакнати, независноста да им јакне, практичната примена да им биде зајакната и слично. Тоа ни дава обврска на сите да внимаваме со институциите, да не ги коментираме нивните постапки. Верувам многу дека секој што се огрешил во државата за кој што постојат докази треба да одговара и треба да одговара. Тоа е мојата надеж која ја имам денеска, рече Заев.

Сакам уште еднаш, истакна тој, да ги охрабрам сите носители на функции во независните правосудни институции да одлучуваат строго по закон и Устав и по тоа што тие чуствуваат дека е праведно. Тие, додаде, не должат никому ништо, должат единствено на граѓаните.

-Тие се тие кои добиле мандат од граѓаните дали како судии или обвинители или истражители, стручни соработници кои работат во целиот правосуден систем да делат правда. Секако второстепеноста на  постапките постојат во нашата земја, секој има право и на меѓународна жалба по одредени постапки но дефинитивно обврска на правосудниот систем е да ја враќа во нормала правната држава која што беше згмечена, уништена…, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во Владата.

Треба да знаете
Последни објави