Search

Седум проекти, реализирани во рамки на програмата INNO SAE, презентирани на ФЕИТ

На Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, денеска беа презентирани седум проекти, изготвени од студенти во рамки на студентската програмата Innovations in Smart Anything Everywhere INNO SAE. Проектот „place to go”, како што објаснија студентите кои го изработиле, претставува апликативен софтвер што овозможува детален приказ на локалите од птичја перспектива. Имено, преку „place to go map”, се гледаат локалите, а на апликацијата во секој локал, зафатените маси се обележано со црвена боја, резервираните со жолта, а слободните со зелена.

Со оваа паметна апликација, се ќе намали потрошеното време за бирање место. Исто така, на апликативниот софтвер ќе бидат промовирани и настаните што ќе се одржуваат во локалите. На тој начин и корисниците и локалите ќе имаат корист од апликацијата. Другиот презентиран проект, „smart orders” претставува систем за електронско извршување нарачки.

– Целиот продукт може да се подели во два дела, едниот е веб-апликација што ќе им овозможи на сите корисници да имаат интеракција со целиот тој систем, а вториот е мали уреди што би биле поставени на секоја маса во сите локали. Со седнување на одредена маса, корисникот од својот мобилен телефон го скенира тој уред и така може да го види мените во ресторанот што ќе биде поставено на таа апликација. Откако ќе ја заврши нарачката, откако ќе ја заврши сметката, уредот е подготвен да опслужи нов клиент, објаснија студентите кои го изготвиле проектот. „Smart extractor” е машина за екстракција на етерични масла. Како што појаснија студентите кои ја изработиле, таа претставува автоматизиран процес што работи беа човечки фактор, за разлика од досегашните машини за екстракција.

– Се става растението потребно за етеричното масло, се става вода, а потоа машината создава готов производ – посакуваното етерично масли. Нашата машина се одликува со хардверско и софтверско решение, што според нашите истражувања нема никаква конкурентност на пазарот, истакнаа студентите.
На презентацијата беше прикажан и новиот тип на сензор за следење на водовод, изготвен во рамки на студентската програма INNO SAE.

– Сензорот служи за следење протокот на вода и да се креира мрежата со цел да се следи во реално време, посочија студентите кои го изготвиле проектот. Пет студентки, изготвиле веб-сајт за онлајн советување „In talk therapy” што, како што појаснија, ќе биде достапен 24/7 за сите.

– Зошто онлајн советување – заштедува на време, заштедува пари, а при тоа ги има истите ефекти како советувањето во живо и анонимноста е загарантирана, истакнаа тие.

На сајтот има можност да се избере дали советувањето ќе биде анонимно или ќе напишете порака на сајтот.

– Веб-страната ја направивме доста практична за секого. Примарната цел беше да се овозможи психолошко советување, онлајн каде луѓето можат да изберат дали ќе биде анонимно, ќе им се прати порака преку маил или ќе постават прашање што ќе биде јавно на нашата страна и одоговор. Исто така, има опција за оние што сакаат долготрајно советување да закажат термин, блог, каде што луѓето можат да се едуцираат за некои најчести психолошки нарушувања, информираа тие. Шестиот презентиран проект, претставува конкретен систем за собирање податоци од лозарски површини.

– Целта е модернизирање и полесно менаџирање на површините, со тоа што од собраните податоци ги предвидуваме болестите кои можат да се појават и предвидуваме потрошувачка на суровини што треба да се искористат на површината, наведоа студентите кои го креирале системот.

Тие посочија дека лозарите, со системот во секој момент имаат достапни информации за лозарските површини. Студентите, во рамки на студиската програма, исто така изработиле и систем за двонасочна комуникација со лицата со оштетен слух.

– Ние успеавме да создадеме систем, што се состои од два потсистеми, едниот е заведување текст во низа од последователни слики кои ги претставуваат знаковниот јазик, а вториот дел е систем за препознавање на буквите од македонската азбука. Во иднина овој систем може да се користи во сите јавни институции, каде што лицата со оштетен слух ќе можат да ги користат за разбирање, објаснија студентите. Студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019) е иницијатива на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ за демонстрација на иновативниот капацитет на студентите на УКИМ, а во презентацијата на прототиповите реализирана од седум тимови, учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Архитектонскиот факултет, Економскиот факултет, Фармацевтскиот факултет, Филозофскиот факултет и од Факултетот за земјоделски науки и храна.

– Да им дадеме само шанса, простор, време и ресурси на овие млади умови и само треба да ги следиме, ништо повеќе од тоа, рече претседателот Стево Пендаровски на презентацијата. 

Треба да знаете
Последни објави