Search

Седницата за уставните измени продолжува денеска, гласањето неизвесно

Расправата за уставните измени продолжува денеска напладне во Собранието. За дискусија се пријавени уште петнаесеттина пратеници, повеќето од нив од парламентарното мнозинство, бидејќи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се повлече од дискутирање и побара веднаш да се гласа.

На почетокот на седницата се очекува да говори пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците, а по него за дискусија е пријавена пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија. Гласањето, сепак, е неизвесно дали ќе се случи во текот на денот ако се има предвид дека секој од пријавените говорници има право да зборува 20 минути, а од СДСМ не ја исклучуваат можноста ВМРО-ДПМНЕ сепак да го користи правото да реплицира.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, вчера рече дека ќе се пристапи кон гласање по исцрпување на дискусијата и уште еднаш ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и да покажат дека се за ЕУ и НАТО за разлика од нивниот лидер Мицкоски. Во спротивно, Тунтев не ја исклучува опцијата за брзи избори. За разлика од нив, ДУИ не сака ниту да зборува за можни предвремени избори, туку ги повикува сите 120 пратеници да гласаат „за“. Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека нивната пратеничка група е компактна и децидна дека е против уставните измени.

Најголем оптимист се чини останува премиерот Зоран Заев, кој вчера рече дека верува во чуда и дека не губи надеж за обезбедување двтретинско мнозинство.

– Јас верувам дека до утре, секако, дека ќе се смогнат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство и да се даде дозвола за почнување на постапката за уставните промени – порача Заев.

Треба да знаете
Последни објави