Search

Седми роденден на „Лице в лице” и промоција на 37. издание на списанието за одржлив развој

Седмиот роденден на списанието за одржлив развој „Лице в лице” денеска беше одбележан во паркот „Ибни Пајко”, во присуство на бројни читатели, соработници и поддржувачи. Промовирано беше и 37. издание на ова списание посветено на глобалните цели за одржлив развој во делот на заштита на животната средина.

Роденденската прослава, која се одвиваше под мотото „Ја движам промената, читам „Лице в лице”, предизвика големо внимание кај граѓаните, кои честитката за седумгодишното опстојување ја испратија и со облекување на униформите на продавачите и со охрабрување да продолжат со својата достоинствена работа, која економски ги зајакнува и ги интегрира во општествените текови, како и со заедничка фотографија со хаштагот #ИјасЧитамЛицеВлице.

Продавачите на „Лице в лице” заедно со модната дизајнерка Ирина Тошева и ентузијастот за готвење, Бранко Поповски, автор на „Готвење со Бранко”, на присутните граѓани им го понудија актуелното издание на списанието, чиј главен фокус се глобалните цели за одржлив развој во делот на заштита на животната средина.

Настанот се одржа во рамки на „Ден на граѓански организации”, што го организира „Цивика Мобилитас”. Притоа  граѓаните имаа можност да се запознаат со иницијативите на граѓанскиот сектор, како и да се вклучат во дел од нив. 

„Лице в лице” е социјално претпријатие за работната интеграција кое овозможува ресоцијализација на ранливите групи преку социјален контакт, почитување правила и стекнување навика за структуриран животен стил што им овозможува на ранливите лица подготовка за отворениот пазар на труд. Своите продавачи ги регрутира преку соработка со здруженија на граѓани чии корисници припаѓаат на различни маргинализирани групи.

Продавачи на списанието се маргинализирани лица – младинци од улица над 16-годишна возраст, бездомници, лица со посебни потреби, приматели на социјална помош, поранешни корисници на дрога и алкохол, поранешни затвореници. Од секој продаден примерок (кој чини 100 денари), продавачите на списанието задржуваат 50 отсто од износот, а со останатата половина се гради систем за нивна поддршка и се печати нов број на списанието.

Треба да знаете
Последни објави